Чернобил

Нуклеарната централа Чернобил остана без струја, врз Харков извршени над 50 напади во еден ден

Украина повика на итно примирје за да се изврши поправка на електроснабдителната мрежа, со која што би се овозможило повторно приклучување на електрична енергија на нуклеарната централа Чернобил, јавува Гардијан.

Укринформ информира дека нуклеарната централа Чернобил останала без напојување со струја поради акциите на руската војска, додека украинските официјални власти велат дека во моментов е невозможно да се извршат санациони работи и да се пушти електрична енергија.

Украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом предупреди дека радиоактивни честички би можело да бидат испуштени од изгасената нуклеарна електрана Чернобил, бидејќи не може да се лади истрошеното нуклеарното гориво откако е прекинато напојувањето со струја. Доколку продолжи ваквата состојба, целиот персонал од централата може да добие смртоносна доза на радијација, а радиоактивниот облак може да биде разнесен од ветрот кон другите делови на Европа, пишува Гардијан.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба напиша дека нуклеарната централа има резервни дизел генератори, коишто имаат капацитет од 48 часа.

Претходно, Меѓународната агенција за атомска енергија рече дека нема повеќе контакт со тимовите за мониторинг во Чернобил. Сепак, од Агенцијаа во последното соопштение што го објавија попладнево тврдат дека прекинот на електрична енергија во Чернобил не би требало да има критично влијание врз безбедноста во нуклеарната електрана.

Во меѓувреме, на терен продолжува војната што ја започнаа руските воени сили. Во вториот град по големина Харков во изминатово деноноќие се извршени над 50 воздушни и артилериски напади, додека украинските сили продолжуваат да го држат под контрола.

Во регионот Житомир, најмалку 9 лица, меѓу кои и 3 деца, загинаа во воздушните напади што ги изведоа руските сили во изминативе 24 часа, јавува Укринформ. 21 лице било убиено во градот Суми во воздушен напад.

Додека траат борбените дејствија, се одвива и акцијата за извлекување на цивили од неколку украински градови што се опколени од руската војска. Околу 5.000 лица успешно се евакуираа од градот Суми во североисточна Украина, а хуманитарен коридор е отворен и за граѓаните од Енергодар кон градот Запорожје. Украина очекува денеска од Русија да воведе примирје за да се евакуира цивилното население од 10 градови. Најлоша е ситуацијата во пристанишниот град Мариупол, каде што цивилното население што е заробено во моментов брои 400.000 жители.

Инаку, бројот на бегалци од Украина расте од ден на ден. Хуманитарната волонтерка Алисон Томсон за Мета.мк вели дека во моментов се наоѓа во Украина и ситуацијата е крајно сложена за лицата кои сакаат да ја напуштат земјата. Таа вели дека за да се преминат дел од границите за да се напушти Украина во просек се потребни и по 9 часа, а нивни пријатели чекале дури 36 часа за да ја минат украинско-полската граница.

„Извлекуваме 23 деца со посебни потреби назад кај родителите што ги посвоиле во САД“, вели Алисон Томсон.

Таа додава дека нејзините пријатели во Киев имаат создадено мрежа за помош во достава на храна на 15.000 бебиња и деца коишто се наоѓаат во подземните метро станици, а коишто се соочуваат со недостиг на храна и лекови.

Инаку, според податоците на агенциите на Обединетите нации, Украина досега ја напуштиле над 2 милиони Украинци за да избегаат од воената агресија на Русија.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Нов земјотрес во Турција, на пат се спасувачки тимови од ЕУ

По првиот силен земјотрес, Турција доживеа нов потрес – размерите на катастрофата на турско-сириската граница …