Ивона Василеска

Нуклеарната физичарка Ивона Василеска дојде до окритие што може да ја поевтини струјата за цела Европа

Откако беше прогласена за првенка на генерација во Москва, во областа атомска и нуклеарна физика, младата Ивона Василеска од Струга неодамна докторираше на Унивезитот во Љубљана. Оваа вљубеничка во физиката, додека истражувала како дел од работата на докторатот, дошла до откритие со помош на кое би се забрзало пуштањето во употреба на големиот магнетен фузиски реактор ИТЕР во Франција, со што цела Европа би можела да се снабдува со поевтина електрична енергија.

Многу мал број на научници во светот што се занимаваат со истражување на оваа тематика. Затоа сакам да бидам дел од нив и со моите истражувања да придонесам нешто за човештвото, вели Ивона, која во интервју за Мета зборува за тоа како реагирале членовите на комисијата при одбраната на докторатот, за нејзината работа, како и за идните нејзини планови.

Неодамна докториравте на Универзитетот во Љубљана. На која тема беше докторатот кој го одбранивте? Што истражувавте?

Василеска: Темата на мојот докторат беше „Моделирање на топлинските флуксови на диверторските плочи при интензивните транзиции на плазмата во токамаците“, односно „Modelling of divertor target plate heat fluxes during intense plasma transients in tokamaks“. Со ова истражување најдов метод кој ќе ги контролира флуксовите со помош на граничните услови и така ќе го заштити диверторот како клучен дел од фузискиот реактор или токамакот. Граничните услови беа определени преку користење на кинетичките и флуидните кодови за моделирање. Примената на овој метод е да го заштити диверторот од влијанието на топлинските флуксови да не дојде до негово уништување.

Изградбата на магнетниот фузиски реактор ИТЕР („патот“ лат.) во Франција 

Каде би нашло примена ова ваше откритие?

Василеска: Примената на фузискиот реактор е во производство на електрична енергија. Кога ќе се пушти во употреба ИТЕР (најголемиот фузиски реактор што моментално се гради во Франција), Европа би имала поевтина електрична енергија. Целта е да се заменат атомските нуклеарни централи со фузиски реактори.

Како реагираа професорите кои беа во комисијата? 

Ивона Василеска при одбрана на докторатот 

Василеска: Комисијата беше составена од пет професори, едниот беше мојот ментор кој што е од Словенија, ко-менторот кој е од ИТЕР организацијата во Франција, двајца професори исто така од Универзитетот во Љубљана Словенија и еден надворешен член кој што е од Институтот за плазмена физика во Прага, Чешка. Професорите реагираа позитивно затоа што истражувањето што го направив од страна на физика е многу комплексно. Плазмата е јонизирачки гас и претставува четврта агрегатна состојба на материјата. Мојата главна задача беше да спојам два различни методи во едно (кинетички и флуиден) за да потоа ги истражам топлинските флуксови на плазмата. Овој метод прво беше тестиран на помал токамак JET кој е во Англија за да после истиот метод биде тестиран и на ИТЕР. Нормално, со тек на време овој метод ќе биде дополнуван за да на крај кога ИТЕР ќе започне со својата работа да имаме комплетен метод кој што ќе функционира на секаков вид на плазма. Крајната примена на овој метод е да биде користен во секој фузиски реактор.

Додека бевте на магистерски студии, во фокусот на интерес ви беше плазмата. Има ли нешто ново во истражувањата во делот кој се однесува на плазмената физика? 

Василеска: Во моите магистерски студии кои ги завршив во Москва истражував нискотемпературна плазма изгенерирана во лабораториски услови, а сега мојата работа се фокусира на високотемпературна плазма која се генерира во фузиските реактори. На некој начин тоа што го истражував во Русија ми даде основа и знаење за да започнам со истражување на овој тип плазма затоа што без познавање на нискотемпературна плазма не може да се истражува високотемпературната. Така, моите докторски студии беа надоврзување на она што го работев во Москва.

Кои се вашите планови за во иднина?

Василеска: Моите планови за во иднина се да останам во оваа област на истражување затоа што е најнов дел во физиката и има многу да се истражува. Имам неколку преговори да продолжам на пост-докторат со што би го зацврстила методот на моето истражување во докторатот. На Универзитетот во Љубљана последен студент кој докторирал во оваа област од нуклеарната физика бил пред 7 години и многу мал број на научници во светот се занимаваат со истражување на оваа тематика. Затоа сакам да бидам дел од нив и со моите истражувања да придонесам нешто за човештвото.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Апел за брзо и целосно прифаќање на историското зголемување од 15% на платите во образованието

На својот Фејсбук профил, претседателот на Владата Димитар Ковачевски упати апел до СОНК за итно, …