Последниот македонски учесник на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, борачот Магомедгаџи Нуров, беше елиминиран во четвртфиналето во категоријата до 97 килограми слободен стил.

И покрај тоа што важеше за фаворит во борбата, Нуров беше поразен од кубанскиот шампион Реинерс Салас Перез, кој на крајот славеше со 6:4.

Македонскиот борач имаше одличен почеток на Олимпијадата, совладувајќи го тунискиот првак Мохамед Садуи со 5:0 во првото коло.

Поразот на Нуров во четвртфиналето не значеше конечен крај за неговиот настап на Олимпијадата. Доколку Перез победеше во полуфиналниот дуел против Абдулрашид Садулаев од Русија, Нуров ќе се пласираше во репасажот и ќе имаше шанса за бронзен медал, за што ќе му беа потребни две победи. Но, во полуфиналниот натпревар сепак славеше Садулаев со 4:0.

Во финалето во категоријата до 97 килограми, фаворитот за златото Садулаев ќе се сретне со Фредерик Кајл Снајдер од САД.

Четвртфиналниот настап на Нуров значеше крај за учеството на Македонија на Олимписките игри во Токио. Нашите претставници дома се враќаат со еден сребрен медал кој го освои теквондистот Дејан Георгиевски.

Извор:МЕТА