О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

О’Брајан и Лајчак разговараа за ситуацијата на Западен Балкан

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан и специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалог Косово-Србија, Мирослав Лајчак, разговараа за случувањата на Западен Балкан и очекувањата во наредниот период.

Информацијата ја објави Лајчак, но повеќе детали за разговорот не се познати.

Лајчак наскоро ќе ја напушти функцијата специјален пратеник за дијалог и заминува на нова позиција. Сè уште не се знае кој ќе го наследи, бидејќи ќе се чека конституирање на новиот состав на Европскиот парламент по изборите што се одржаа од 6 до 9 јуни.

О’Брајан, кој често зборуваше за Балканот во изминатите месеци, на брифинг со новинарите во јануари ги поддржа напорите на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, предводени од Лајчак.

Тој потоа ги повика Косово и Србија да ги исполнат своите одговорности во рамките на процесот и додаде дека „има одреден напредок“ во последните месеци.

Во јануари, О’Брајан зборуваше и за ситуацијата на северот на Косово, за изборите во Србија, за идеите на Милорад Додик за отцепување на Република Српска, како и за руската инвазија на Украина.

Американскиот функционер ги повика Белград и Приштина да избегнуваат провокативни акции на северот на Косово во општините со мнозинско српско население. Тој посочи дека косовската полиција добро соработува со ЕУЛЕКС и НАТО и додаде дека комуникацијата со Белград овозможила смирување на ситуацијата на северот.

„Имаше чекори напред во дијалогот и справувањето со практични, секојдневни прашања како што се регистарските таблички и царинските документи“, рече О’Брајан.

Обидите на Милорад Додик (претседател на Република Српска, еден од двата ентитета на БиХ) да го оттргне вниманието од вистинските проблеми во Босна и Херцеговина со „националистички циркус“ не се во интерес на земјата, рече тогаш О’Брајан, говорејќи за ситуацијата во БиХ.

Во март, пак, О’Брајан рече дека САД ги следат сите случувања и очекуваат Србија и Косово да ги намалат тензиите. Србија знае дека употребата на сила против Косово би била неприфатлива, изјави тогаш американскиот функционер.

Во април тој го посети Белград каде разговараше за подобрување на изборните услови во Србија со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, и истакна дека е важно што е започнат дијалогот со опозициските партии.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 16 мај во Котор на Самитот на лидерите од Западен Балкан изјави дека се сретнал со О’Брајан и разговарал за Косово и за Резолуцијата на ОН за Сребреница, која веќе била предложена, а подоцна, на 23 мај, усвоена од генералното Собрание на ОН.

Со резолуција, 11 јули, денот кога, според пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, српските сили извршиле геноцид со убивање на повеќе од 8.500 Бошњаци во Сребреница, е прогласен за „Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница од 1995 година“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

50 години демократија во Грција - позитивен биланс

50 години демократија во Грција – позитивен биланс

На 24 јули 1974 година заврши воената диктатура во Грција. Оттогаш, земјата доживеа подеми и …