Обраќање на Претседателот Пендаровски во Собранието на РСМ

Обраќање на Претседателот Пендаровски во Собранието на РСМ

Обраќање на Претседателот Стево Пендаровски во македонското Собрание: 

Почитувани граѓани, почитуван претседател на Собранието,

Почитувани пратеници, почитувани министри, ценети гости,

Ваши Екселенции, претставници на медиумите,

Во моето прво обраќање во овој парламент, на 12 мај оваа година, се обврзав јавно на одговорно однесување, како што доликува на претседател избран на директни и општи избори, со гласовите од сите етнички заедници. Тоа подразбира да биде достапен и еднакво близок до граѓаните, независно дали го гласале или не, и еднакво далеку од теснопартиските интереси на политичките субјекти. Неспорен, почетен капитал, во таа смисла беше чинот на признавање на изборниот резултат на претседателските избори од страна на опозицијата, за прв пат од нашата независност, до денес. Граѓаните ќе ценат колку, во првите седум месеци од мојот мандат, успеав да останам неутрален во однос на различните центри на политичка и економска моќ, меѓутоа, мојата главна политичка цел беше и останува, да бидам независен, да бидам претседател на сите, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх. Во таа смисла, пред мене, но, и пред сите нас, стои огромна работа, бидејќи поделбите меѓу граѓаните на кои некои работеа со години, се сè уште длабоки. Ако порано и денес, тоа одеше и оди по линија на етничката припадност, во последнава деценија поделбите и меѓу Македонците драматично се продлабочија.

Притоа, не зборувам за политичките разлики кои легитимно постојат во секоја демократија, туку за непотребното трошење на енергијата и потенцијалот на општеството кои мораат да бидат обединети околу неколку стратешки важни прашања на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус. Граѓанското помирување за кое зборував на мојата инаугурација нема да се случи самото по себе, ако никој не понуди конкретни платформи за дијалог меѓу засегнатите страни. Вчера, на моја иницијатива, одржавме средба со лидерите на најголемите верски заедници на којашто ги замолив, секој во рамките на своите надлежности да делува во насока на продуктивна коегзистенција меѓу верниците и меѓусебно почитување во едно мултирелигиско и мултикултурно општество какво што е нашето.

Средбата на лидерите на парламентарните партии, која ја одржавме веднаш по неуспешниот исход на последниот европски самит и која беше прва од таков вид без посредување од меѓународната заедница, покажа дека поседуваме доволно домашен потенцијал во битни историски моменти да се обединиме за битни прашања. Впрочем, наспроти сите политички разлики меѓу власта и опозицијата, кога беше најважно, со широк консензус беа донесени неколку круцијални двотретински закони во сферата на судството, антикорупциското законодавство и реформата на безбедносниот систем.

До крајот на годината, за првпат во кабинетот на еден претседател, ќе организираме серија средби на навивачките групи во кои се активни млади со различна етничка припадност и на кои средби, на моја покана, ќе бидат присутни и неколку учесници и сведоци од конфликтот во 2001-та, кои тогаш беа на различни страни. Мојата цел е на овие млади луѓе преку директни примери да им ја покажеме, од една страна, цената на насилството, а од друга страна, вредноста на дијалогот и дебатите и за најтешките прашања со кои сме соочени во нашата заедничка земја.

Старите поделби по етничка и партиска линија не ги надминавме, а на дневна основа веќе ги гледаме новите поделби, дали во врска со лицата со попреченост, дали во однос на различната сексуална ориентација и родовиот идентитет на некои од нас. Драги пријатели, сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество. Притоа, ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку, затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи, пред сè, врз нас, избраните политичари.

Од првите денови на мојот мандат јас се обидувам да дадам конкретен придонес во таа насока. Во кабинетот на претседателот од новоангажираните советници, 50% се жени, вработени се лица со попреченост, како и советник за родови прашања. Во однос на правичната и соодветна застапеност, во кабинетот работат припадници од сите етнички заедници. Што се однесува конкретно до застапеноста на најголемата немнозинска заедница, за првпат во историјата, на многу одговорни и раководни позиции се наоѓаат етнички Албанци, советник за национална безбедност, директор на Агенцијата за разузнавање, а елитната армиска единица „Волци“ за првпат од своето постоење има мултиетнички состав. Сакам посебно да го потенцирам фактот дека припадниците на немнозинските заедници не се ангажирани само заради своето етничко потекло, туку, пред сè, затоа што поседуваат највисоки професионални референци, според стандардите утврдени од државите членки на западната алијанса.

Ќе ми дозволите во рамките на овој круг на прашања накусо да се задржам на многу коментираниот Закон за јазици, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, според нашите стари и лоши навики го прочитавме исклучиво преку политичка и етничка диоптрија. Венецијанската комисија не вели дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна. Исто така, комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област. Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако неговите одредби останат само на хартија. Да бидам уште појасен околу мојот личен став: пред две години, тогаш како пратеник, во Комисијата за европски прашања, аргументирав дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот. Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат.

Почитувани,

Во овој законодавен дом, во 2017-та бевме сведоци на трагични настани до кои нè доведе т.н. „заробена држава“. Од тогаш до денес, за само две и пол години успеавме да ја вратиме државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членството во НАТО и на отворањето на преговори со ЕУ, што е најбрза забележана обнова на државните институции во повоена Европа. Клучните демократски индикатори – слободата на медиуми, економските слободи, отстранувањето на политичката контрола од правосудството и администрацијата, се придвижија во позитивна насока и тоа го покажуваат сите објективни анализи направени во меѓувреме и кај нас и во странство.

Меѓутоа, генералната перцепција на нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми. Широкото граѓанско движење на отпорот кое беше генератор на демократските промени настапуваше под мотото „Нема правда, нема мир“, но, за жал, по три и пол години од единствената, наша, демократска револуција во посткомунизмот, малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а, креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа, ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците.

Почитувани, еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а, ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргини, без релација со некоја од властите, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет.

Тука, без намера да навлегувам во нечии политички програми и идеи, сакам уште од сега јавно да ѝ порачам на следната власт: веднаш по изборите спроведете прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не оставка, туку кривична постапка.

Почитувани,

Новата демократска власт од почетокот на својот мандат, во јуни 2017 година, презеде храбри политички чекори, со цел да ги затвори политичките спорови со историска димензија со Бугарија и со Грција. Тоа можеа да го направат само политичари со визија и тука мислам на најодговорните во сите три држави во тие моменти. За договорите е многу кажано и напишано, денес, само ќе се обидам да ги позиционирам тие два документи во историска перспектива. Компромисите беа тешки, но, без нив ќе беше уште потешко затоа што ќе имавме нејасна иднина на долг рок. Влезот во НАТО претставува историски успех за оваа генерација политичари, но и за сите оние кои активно работеа за таа кауза од 1993 година, од првата Декларација усвоена со ниту еден глас против, токму во ова собрание. Според истиот модел на државно единство ќе мора да работиме заедно и во преговорите со ЕУ, затоа што ако во тој процес не ги собереме најумните глави, тогаш за нивната должина и евентуално лошите решенија на крајот не ќе можеме да ги обвинуваме само бирократите од Брисел.

Накусо, вредноста на двата договора е што направивме компромис за да ја отвориме вратата на евроатлантските интеграции како предуслов за нашиот напредок, но, притоа не го компромитиравме најбитното за нас – идентитетот кој сега има и меѓународна верификација. По потпишувањето, нивната целосна имплементација зависи од волјата на двете договорни страни во двата случаи. Ние, во врска со тоа имаме две обврски, прво, да ги почитуваме договорите, затоа што тоа е една од најважните меѓународни облигации на секоја сериозна држава, и второ, да инсистираме на доследна имплементација на обврските и од другата страна, бидејќи договорите не содржат само обврски за нас, а само права за нив.

Точно е дека во имплементацијата на Договорот за добрососедство со Република Бугарија во последниве месеци е видливо забавување во работата на заедничката комисија составена од историчари. Од моментот на неговото потпишување пред две и пол години, на ова политичко водство му беше јасно дека во годините пред нас ќе мора отворено и без комплекси да влеземе во разговори за т.н. бели петна или историските периоди и личности кои во комунизмот биле намерно заборавени или еднострано презентирани и објаснувани во јавноста и во двете држави. Во таа смисла, ние сме апсолутно подготвени да ги соочиме аргументите за одредени историски контроверзи поврзани со различните толкувања на еден ист настан или личност, исто така сме подготвени, за заеднички напори насочени кон деидеологизација на историјата, меѓутоа, правото да се идентификуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик било и ќе  биде надвор од било каква дебата, бидејќи тоа се одамна завршени историски процеси.

Стратешкото отворање кон трети држави, сега кога сме de facto членка на НАТО, треба да се случи час поскоро. Немаме ниту една причина да бидеме резервирани во односите со државите кои не се дел од евроатлантскиот простор, а дијалогот со нив треба да го базираме на легитимните економски интереси кои секоја држава ги има.

Нашето излегување од меѓународна изолација во последните три години, во исто време значеше излегување и од регионалната изолација во која влеговме по волја на претходната власт. За мали држави како нас, прв надворешно-политички приоритет мораат да бидат добрососедските односи. Бев во официјални посети на Албанија и Србија, а ќе ги посетам и останатите наши три соседи. Во контекст на актуелните регионални иницијативи сакам посебно  да истакнам дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше побрзо интегрирање во Европа. При тоа, т.н. мини-Шенген за да биде ефикасен мора да ги опфати сите шест држави од западниот Балкан, а не само три. Истиот став го имав и за една поодамнешна иницијатива, наречена балкански Бенелукс која пак имаше друга логика за поврзување меѓу државите од нашиот регион. Убеден сум дека во 21-от век на Балканот не му се потребни државните идеологии од 19-от и 20-от век за денес да зборуваме за обнова на некаква нова Југославија или формирање на балкански алијанси кои ќе бидат насочени едни наспроти други. Ако навистина сакаме подобар живот тогаш мораме да се обединиме според моделот на Европа по Втората светска војна – минатото го паметиме, но, го оставаме во архивите,
а  разговараме за иднината.

Бидејќи на Балканот времето, за жал, тече побавно отколку на други места во светот, и во 2019-та, во некои центри на светската моќ се разговараше за нова корекција на границите на Балканот, дури и за размена на луѓе и територии. Мојот став од почетокот беше и останува дека нова промена на балканските граници сигурно ќе не врати назад во раните 1990-ти и ќе предизвика тензии, а најверојатно и нови конфликти. Со должна почит кон сите оние кои имаат поинакво мислење за разговорите меѓу Белград и Приштина, овој свој став го имам кажано и образложено на сите странски државници со кои се имам сретнато до сега, а се разбира тоа му го соопштив и на претседателот на Србија и на председателот и премиерот на Косово. Решението за меѓународниот статус на Косово треба да придонесе и да ја зацврсти регионалната стабилност и безбедност. Не можам да видам логика да решите еден проблем, а, истовремено да отворите неколку други во истиот регион. Меѓународната заедница, како контролор на целиот тој процес мора подобро да ги познава балканските историски специфики и да знае дека безбедноста на сите држави на Балканот е испреплетена.

Почитувани,

Еден од проблемите со понов датум, кој, за жал, сéуште не  го третираме како сериозна опасност за нашата сегашност и иднина е загадувањето на животната средина. Додека ги гледаме снимките од девастирачките ефекти од глобалното затоплување мислиме дека тоа им се случува на некои други луѓе далеку од нас, но, овде, околу нас, умираат наши луѓе како последица на аерозагадувањето. Експертите се едногласни дека последните години, освен за поглавјето 23, за владеење на правото, преговорите со Европската Унија за поглавјето 27, заштита на човековата средина, се најтешки и најскапи за земјите-кандидати. Новата Европска Комисија пред неколку денови го претстави т.н. Green Deal со кој се обврза да ја направи Европа првиот климатски неутрален континент до 2050. Ако сакаме еден ден, навистина да бидеме дел од обединета Европа, 2050-тата не е далеку.

Мене ми е одамна јасно дека ниту една влада, ниту една локална власт не може самостојно да го реши овој проблем во само еден мандат. Затоа предлагам тоа прашање да го извадиме од дневната политика и да се зафатиме со носење на натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата. Јавно го поддржав барањето на граѓанскиот сектор за поголем државен буџет за заштита на животната средина, а во функција на промена на парадигмите во оваа област која ни е толку потребна, ќе закажам седница на Советот за безбедност на која, за прв пат, ќе расправаме за аерозагадувањето и на која ќе ги повикам на соочување на своите ставови – и надлежното министерство и невладините организации активни во областа.

Дозволете ми денес да предложам и јавно да образложам зошто за уште една тема сум длабоко убеден дека треба да ја поставиме надвор од изборните дебати и меѓупартиските расправии. Сите знаеме зошто 20 години не можевме, поточно, не сакавме да организираме попис. Ноторен факт е дека огромен број од нашите граѓани, не само младите, засекогаш ја напуштија државата. Иселувањето е една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата од која директно зависи нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството. Не можам да видам како некој мисли, ако мисли, дека би добил политички поени кога вели дека во “ваше време” се иселија 300.000 граѓани, а во “наше време” само 150.000.?!

Магична формула и брзи решенија за овој проблем, до сега, не се пронајдени ниту во најразвиените делови од светот. Во исто време, наивно и опасно е ако  некој верува дека може да оди наспроти логиката на глобализацијата и да заговара затворање во националните граници. Сепак, ги повикувам релевантните политички субјекти, да седнеме заедно и да донесеме натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ. Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ, во ситуација кога влегуваме во НАТО после цели 20 години откако го добивме статусот на земја-кандидат, а стандардот пер-капита е на 80% од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500  евра, иселувањето може да бележи само нови поразувачки рекорди. Притоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас.

И мојот последен, трет предлог за креирање на консензус за државните политики и приоритети неоходни за забрзан развој во глобалната ера, го иницирав овој месец и до неговиот претпоставен крај во првата половина од следната година, во јавноста ќе споделам  неколку основни факти. Неодамна формирав управен одбор и работни комисии за проектот наречен МКД 2030 кој до јуни догодина треба да ја претстави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години. Во изработката на финалниот документ беа поканети да се вклучат и се приклучија, истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од МАНУ, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите. Веќе ни се приклучија независни експерти од странство и од кај нас, како и поединци и од власта и од опозицијата. Според првичната скица, дигитализацијата ќе биде утврдена како една од приоритетните области за развојот на државата, бидејќи мојата замисла е дека нашата четврта република, ако сака да биде успешна ќе мора да биде дигитализирана.

Почитувани,

Во контекст на евроинтеграциите, оценката од Брисел е дека ние, досега, направивме се што беше потребно за почнување на преговорите. Но, со оглед дека политичката одлука за тоа ќе се носи напролет исклучително е важно да организираме фер и демократски избори. Претстојните парламентарни избори, едноставно, не смеат да бидат под нивото на претседателските и тоа според двете суштински компоненти: прво, демократски амбиент со слободни медиуми и вработени во админстрацијата ослободени од притисоци и второ, политичка реторика и култура која го почитува противникот и ја честита победата на крајот на изборниот ден. Секој од нас има должност и одговорност, не реторички, туку практично, да покаже пред граѓаните дека изборната битка не е борба на живот и смрт. Сите сме биле во кампања и знаеме дека емоциите во тој период се на повисоко ниво, дека зборот понекогаш може да побегне, да не понесе еуфоричната атмосфера, меѓутоа, најважно е да не заборавиме дека по изборите и по завршувањето на мандатот ќе треба повторно да се погледнеме во очи, и затоа треба да го чуваме образот и да останеме луѓе до крај.

Почитувани граѓани, почитувани пратеници,

Сакам да ви ги честитам претстојните празници, а за 2020 година нема да ви посакам среќа на изборите, туку, само здравје и среќа за вас и вашите најблиски. Да сте ми сите живи и здрави и да ни е вечна нашата заедничка држава, Република Северна Македонија!

Ви благодарам!

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …