Премиерот Ковачевски преку видео обраќање се заблагодари на сите владини претставници во овој и минатиот мандат за трудот кој го вложиле во реализација на едно од најважните ветувања на Владата, просечна плата од над 30.000 денари.
Обраќањето на Ковачевски го пренесуваме во неговата интегрална форма:
„Почитувани граѓани,
Владата предводена од СДСМ го реализираше едно од најважните ветувања дадено пред граѓаните уште во 2017, просечна плата од над 30.000 денари.
Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која останавме доследни. И покрај сите опструкции од опозицијата и блокирани закони за раст на платите, платите во континуитет растат.
Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев, но со доследни политики успеавме да го реализираме.
Во време на голема економска криза сфаќаме колку е значајно вложувањето во приходите на граѓаните и работниците. Со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените, а Буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно. Пред нас е тешка зима во која ќе ги вложиме сите сили да ги намалиме ценовните шокови. Сакам да ве уверам, дека Владата е целосно посветена и подготвена за се што претстои. Ќе работиме максимално одговорно, посветено и ефикасно во интерес на граѓаните.
За крај, изразувам благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои доследно и посветено работеа на остварување на ова ветување. Докажавме дека ветувањата ги исполнуваме и од зацртаните цели не отстапуваме“.