Обраќање на претседателот Пендаровски на 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на 43. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Како покровител на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека ако основната мисија на филмот е да биде во полемика со светот и неговите аномалии, тогаш фестивалските филмски манифестации треба да бидат јадрата на прогресивноста и во естетска и во поширока општествена смисла, а фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, со својата богата играна и документарна програма и годинава потврдува дека е токму такво јадро во кое, во континуитет се согледуваат сите битни струења на современите кинематограферски практики.

„Како што знаеме и од самите почетоци на филмската уметност, и од творештвото на браќата Манаки, филмските уметници имаат право и одговорност да стојат во одбрана на својата автономија, и да имаат слобода да проговорат за тоа каков свет сакаат“, истакна претседателот Пендаровски.

Претседателот ја додели наградата Златна Камера 300 за животно дело на Ентони Дод Ментл.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани кинематографери, филмски работници, автори, уметници,

Почитувани гости на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“,

Нашиот уникатен фестивал, со својата овогодинешната тематска одредница, „Реалноста не е доволна!“, упатува на повеќе знаци кои стојат покрај животните патеки што ги врвиме, генерално, како луѓе низ историјата, но, особено ние, овде, во последниве транзициски децении.

Од една страна во јавноста се доминантно презентираните, таканаречени, општоприфатени вистини и факти, наречени – реалност, или она што животот ни го нуди како еднодимензионално секојдневие.

А, од друга страна е истата таа реалност, протолкувана низ сензибилитетот на уметноста и диоптријата на камерата, што додава нови перспективи во нашите животи, нашите мисли и чувства и во нашите меѓучовечки интеракции во заедницата. И двете читања на реалноста едно без друго не одат и нивното надополнување е можеби единствената шанса да го разбереме светот околу нас и да се разбереме себеси во тој свет.

Како што забележува Брехт: „Уметноста не е огледало во кое се огледува реалноста, туку длето со кое критички се обликува она што не е експлицитно видливо во реалноста и она што често општествените и политичките динамики сакаат да го затскријат.“ Филмот е глас на комплексните значења на реалноста бидејќи говори во името и на утопиите и на дистопиите. А, уметноста е чин на храброст затоа што нејзината цел не е да ја репродуцира реалноста, туку да нѐ соочи со неа.

Ако основната мисија на филмот е да биде во полемика со светот и неговите аномалии, тогаш фестивалските филмски манифестации треба да бидат јадрата на прогресивноста и во естетска и во поширока општествена смисла – а нашиот Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, со својата богата играна и документарна програма и годинава потврдува дека е токму такво јадро во кое, во континуитет се согледуваат сите битни струења на современите кинематограферски практики.

Како што знаеме и од самите почетоци на филмската уметност, и од творештвото на браќата Манаки, филмските уметници имаат право и одговорност да стојат во одбрана на својата автономија, и да имаат слобода да проговорат за тоа каков свет сакаат.

Во овој контекст, верувам дека заслужуваат внимание зборовите на големиот австриски режисер Михаел Ханеке. Ќе ми дозволите да споделам со вас еден негов цитат. Ханеке вели: „Одбирам да создадам одредена недоверба кон она што ни се нуди како една и единствена реалност, наместо да инсистирам дека она што го прикажувам во своите филмови е репродукција на реалноста. Целта ми е луѓето да го преиспитуваат она што се наметнува како вистина и реалност… На тој начин му ја давам можноста на гледачот да учествува во создавањето на можните реалности наспрема таа една зададена реалност во таканаречениот стварен свет. Публиката секогаш е ко-автор на филмот, па со тоа и на реалноста. Сметам дека слоевите на реалноста толкувани и понудени низ филмот се порелевантни од она што ни е наметнато како вистина од општествените динамики.“

Почитувани,

Посакувам успешни фестивалски денови и убава, позитивна енергија оваа недела во Битола.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …