Обвиненија за 12 лица за смртта на малата Тамара

Обвиненија за 12 лица за смртта на малата Тамара

За смртта на Тамара Димовска од Велес, која во 2015 година почина чекајќи операција на рбетот во странство, Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против 12 лица, меѓу кои и за тогашните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ), Маја Парнарџиева – Змејкова и Џемали Мехази.

Обвинението е за „несовесно работење во службата“.

Обвиненија се поднесени против членовите на првостепената лекарска комисија, односно Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како и против членовите на второстепената комисија, Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова.

Како што велат од Обвинителството, предметот е оформен по допрен глас, а подоцна е припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и законскиот застапник на семејството.

„Како резултат на многубројните спроведени истражни дејствија во една темелна и сеопфатна преткривична постапка, беше утврдено дека сега обвинетите пет члена од Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛ УЦ. Притоа предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје“, појаснуваат од Обвинителството.

Во однос на постапката на двајцата директори на ФЗОМ, Парнарџиева – Змејкова и Мехази, ОЈО- Скопје вели дека донеле решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано, а истото Решение било потврдено и од сега обвинетите членови на второстепената лекарска комисија, и на крајот потпишано од тогашниот претседател на Управниот одбор на ФЗОМ, се вели во соопштението од ОЈО – Скопје.

Хелсиншкиот комитет, кој поднесе кривични пријави против двајцата директори на ФЗОМ и тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, речиси веднаш по смртта на Тамара, ја поздрави одлуката на ОЈО – Скопје, но истовремено посочи и дека обвинителството доцни, оти се изминати повеќе од три години од смртта.

Истовремено, посочува дека кривична пријава треба да добие и Тодоров.

„Земајќи го предвид очигледното пречекорување на законските овластувања на тогашниот министер Никола Тодоров преку давањето неточна информација до јавноста за отварање на центар кој ќе врши операции на пациенти со деформитет на рбетот при Клиниката за ортопедски болести во Скопје, Хелсиншкиот комитет не се согласува со одлуката на Основното јавно обвинителство дека во конкретниот случај не постои Злоупотреба на службената положба и овластување од негова страна, поради што во овој дел одлуката сметаме дека треба да биде обжалена до Вишото јавно обвинителство“, порачаа од Хелсиншки.

Прочитајте повеќе

цук пожари

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се …