Обвинители одзедоа документи од МВР за станицата за технички преглед во која поминал и автобусот на „Беса транс“

Отворена е предистражна постапка во Обвинителството во која треба да се утврди како и зошто станицата за технички преглед „Виа Комерц“, каде што поминал на контрола автобусот на „Беса Транс“ кој изгоре во Бугарија, не била затворена навремено иако пропусти во работењето биле утврдени и нотирани во записник неколку месеци претходно, јавува телевизија Телма. Шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска за Телма изјави дека предистрагата е отворена вчера и одземена е документација од неколку сектори во МВР кои го извршиле надзорот во станицата за технички преглед и го изготвиле решението за забрана.

Таа посочи дека денеска обвинители влегле и во станица за технички преглед и од таму исто така се одзема целокупната документација поврзана со работењето и извршените контроли.

Предистражната постапка е отворена по кривична пријава која ја доставила група на граѓани. Станува збор за фирма која по решението за забрана за работа кое министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го потпишал три месеци по несреќата во Бугарија, ги отстраниле пропустите со пререгистрација на друго име, известува Телма.

Во сообраќајната несреќа во Бугарија на автопатот Струма загинаа 45 македонски граѓани. Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина е човечка грешка на возачот.

Несреќата се случи на 23 ноември, минатата година во раните утрински часови, при што автобусот на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше со туристи, удри во ограда на автопатот Струма, кај селото Боснек, меѓу загинатите имаше 12 деца, а седуммина преживеаја.

Од македонските институции по несреќата излегоа информации дека автобусот со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници. Не бил заведен ниту во документацијата на Министерството за транспорт и врски. Имаше и информации дека возачите на изгорениот автобус не биле вработени, едниот немал ни сертификат за професионална компетентност.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

мицкоски

СДСМ: Мицкоски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија

Соопштение за јавност на СДСМ Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола …