Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека, по допрен глас, отворило предмет за доделувањето на концесијата за центрите за дијализа.
Обвинителството вели ќе ги истражува сомненијата дека постапката била нетранспарентна и во неа индиректно биле фаворизирани правни и физички лица.
„Следејќи ги реакциите на „Нефрон“ – Здружение за бубрежно болни граѓани и написите на одредени медиуми кои укажуваат на низа недоследности при спроведување на постапката по Огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оцени дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Сомненијата укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин со индиректно фаворизирање на правни и физички лица при што познати меѓународни провајдери со големо искуство се ставени во подредена положба“, се вели во соопштението.
Дополнително, ќе се истражуваат незаконски дејствија и во врска со Одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман, со која референтната цена за хемодијализа кај хронична бубрежна инсуфициенција е зголемена од 4.855 денари на 5.400 денари.
Јавно-приватното партнерство за центрите за дијализа почна на 15 февруари 2014 година.
Извор: МЕТА