Обвинителството не открива детали, Груевски бара докази

Обвинителството не открива детали, Груевски бара докази

Доколку не беа отворени вратите од Собранието, немаше да се случи крвавиот настан на 27 април, изјави обвинителката Вилма Русковска. Груевски кој е осомничен за злоупотреба на партијата во крвавиот четврток на Фејсбук бара јавно објавување на доказите.

Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ го организирале крвавиот настан од 27 април и за таа цел со другите обвинети ја ставиле во функција целата партиска структура, соопштија на прес конференција обвинителката Вилма Русковска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Истрагата е отворена затоа што за ова обвинителството има обезбедени пораки, за дел се уште се работи.

Говорејќи со иницијали за осомничените, Русковска посочи дека за цело време додека траел настанот меѓу Груевски, Јанакиески и Ристовски течела координација, која потоа продолжила со општинските, месните и општинските комитети на кои им се давале насоки и се повикувало членството. Таа посочи дека законот за амнестија не важи за организаторите.

„Јас сметам дека доколку не беа отворени вратите од Собранието немаше да се случи крвавиот настан на 27 април“, изјави Русковска.

Обвинителството не откри повеќе детали ниту за доказите ниту за конкретната улога на секој од петтемина осомничени кои се опфатени во истрагата, но посочија дека е можно проширување на истрагата и за други инволвирани доколку обезбедат докази за тоа.

Доказите ќе бидат испратени до судот, по што судот преку Министерството за правда ќе бара екстрадиција на Груевски од Унгарија и на Никола Бошковски од Грција.

На социјалните мрежи се огласи и поранешниот премиер Груевски кој наведува дека ниту организирал, ниту дал согласност некој да организира насилен упад во Парламентот и физичка пресметка со пратениците.

„Ги повикувам од ОЈО да ги објават јавно доказите против мене. Да ги видиме матерјалните докази или какви и да има докази, па макар и некој лажен, нерелевантен или уценет сведок или загрозен осомничен или обвинет во некој случај. Ајде, не купувајте време, не се вадете на флоскули од типот ,,истрагата е во тек,, или ,,од истрагата ќе произлезе…,, или ,,истрагата е тајна…,, и слични празни флоскули. Ова не е обичен случај, туку случај кој го следи целокупната домашна и меѓународна јавност и не може наводните докази да бидат само во вашите фиоки“, напиша на својот фејсбук профил Груевски кој доби азил во Унгарија.

На прашањето зошто Груевски не бил повикан на распит, иако уште во март лани кога беше објавено обвинението за 27 април бил споменат телефонскиот разговор од Виена, Јовески одговори дека обвинителството смета оти во овој специфичен и сложен предмет му требаа повеќе докази и откако тие се обезбедени е отворена истрагата.

Во однос на претходно притворениот шеф на УБК Владимир Атанасовски, Рускоска посочи дека неговиот предмет ќе биде споен со овој.

Досега во истрагата за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност се осомничени Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, Никола Груевски, Трајко Вељановски и Никола Бошковски. Во исказот на еден од обвинетите во судот како дел од организаторите беа посочени и Билјана Бришковска – Бошковски и Кирил Божиновски, но Русковска истакна дека тие засега не се вклучени во истрагата затоа што им се потребни повеќе докази од само еден исказ на обвинет.

Ристовски и Јанакиевски синоќа добија 30 дневен притвор. Нивниот адвокат соопшти дека ќе ја обжали судската одлука за притвор.

Синоќа поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски ја напушти канцеларијата на судијата на претходна постапка, кој не може да одлучува за негово евентуално притворање, бидејќи засега го штити пратеничкиот имунитет. Од кабинетот на Претседателот на Собранието Трајко Вељановски потврдија дека во Парламентот е пристигнато барањето од Судот за одземање на имунитетот на Вељановски, и дека во рок од два дена претседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања ќе свика седница.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

уставен суд

Балансерот укинат, доаѓа нов Закон за правична застапеност

Претседателот на Уставен Дарко Костадиновски кажа дека балансерот како алатка е исцрпена и оти ги …