ОЈО Обвинителство

Обвинителството предлага притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството

Според обвинителството, директорот е осомничен за кривично дело поткуп бидејќи добил ветување дека ќе добие подарок во износ од 50.000 евра, потпишал договор и примил 400 евра

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, предложи мерка притвор за петмина осомничени за кривично дело поткуп, а меѓу нив е и директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Илија Стоилев, кој функцијата ја извршува од јули лани.

„Вчера во попладневните часови истражители и полициски службеници реализираа акција во која беа лишени од слобода пет лица. Поради постоење на основано сомнение дека првосомничениот сторил продолжено кривично дело Давање поткуп и кривично дело Давање награда за противзаконито влијание, додека три лица како посредници сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, а едно лице сторило продолжено кривично дело Примање поткуп, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против сите осомничени“, соопштуваат оттаму.

Првоосомничениот, кој е управител на фирма, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – пари од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го потикнаале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.

„Иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени. Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител му предложи на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје истата со Решение да ја определи за сите осомничени“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Прочитајте повеќе

Судење: Одбраната негира градежни пропусти за „Пулс“

Судење: Одбраната негира градежни пропусти за „Пулс“

На денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одбраната на обвинетите градежни инспектори истакна дека …