Обвинителството тргна по организаторите на “крвавиот четврток“, ќе се бара екстрадиција на Груевски

Обвинителството тргна по организаторите на “крвавиот четврток“, ќе се бара екстрадиција на Груевски

Никола Груевски,Никола Бошковски,Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се сомничат како организатори на насилствата во Собранието. Судот ќе побара одземање на имунитетот Вељаноски. Петмината беа посочени во исказите на дел од обвинетите во судскиот процес за насилствата од 27 април

Триесетдневен притвор за поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски кои се осомниечни дека учествувале во организација и спроведување на насилствата во Собранието кои се случија на 27 април познати како „крвавиот четврток“.Поранешниот спикер Трајко Вељановски се повика на својот пратенички имунитет и кусо по приведувањето беше пуштен да си замине од зградата на судот. Според информациите од Кривичниот суд, на Ристовски и Јанакиески им е одреден притвор поради можност од бегство и влијание врз сведоци. Адвокатите на Ристовски и Јанакиески најавија жалби на одлуките за притвор.

Се очекува Кривичниот суд во текот на денот и официјално да побара од Собранието да му се одземе пратеничкиот имунитет на Вељановски.

Тој вчера во куса изјава ги отфрли сите обвинувања:

„Не чувствувам вина за „крвавиот четврток“. Десет години бев претседател на Собранието, каков организатор? Срамота!“, рече Вељановски за назминување од судот.

Покрај нив, осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија и поранешниот висок функционер во УБК, Никола Бошковски кој побегна во Грција каде побара азил.

Иако официјално сеуште не е потврдено, се очекува министерството за правда повторно да побара од унгарските власти екстрадиција на Никола Груевски,врз основа на последната истрага и пријава на Обвинителството. Истото се најавува и за Бошкоски .

Петмината беа посочени како организатори на насилствата во Собранието во исказите на повеќе обвинети во текот на судскиот процес за 27 април. Во исказите, во детали, беше опишуван „штаб“ во седиштето на ВМРО – ДПМНЕ, присутните и насоките и наредбите кои ги извадале телефонски на луѓе во и околу Собранието.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека пријавата и приведувањата не се базираат на изјави туку на цврсти докази собрани во истрагата.

Обвинителството соопшти дека имаат докази кои потврдуваат дека петмината го планирале и логистички го поддржале упадот во Собранието и нападот врз пратениците. Обвинителството ги сомничи за истото дело како и останатите кои беа амнестирани или пак се наоѓаат на обвинителсната клупа – член 313 терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„ Осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје“, стои во соопштението на Обвинителството.

Повеќе детали околу истрагата и што точно е откриено и потврдено со докази ќе се знае по прес конференцијата на Обвинителството која е најавена за денес.

Опозициската ВРМО – ДПМНЕ, вчеравечер, со реакција околу приведувањата на тројцата истакнати партиски членови и функционери. Оттаму соопштија дека станува збор за политички прогон за да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, најави победа на претстојните претседателски избори како еден начин за да се сопре „деспотот Заев“ и да се врати владеењето на правото во Македонија.

„ Деспотот Заев го гледа својот крај и затоа е најопасно, затоа презема очајнички потег на внесување страв меѓу народот, затоа апси врз основа на изјави на сомнителни лица, без докази, на рекла казала муабет, со години после настанот за кој ги обвинуваат.СДСМ знае дека паѓа и сакаат да внесат страв, да го деморализираат ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните на Република Македонија.Знаеме дека овде не е проблемот ниту Спире, ниту Трајко, ниту Миле или пак Никола. Со ваква Кацарска судство, со вакво Рускоска Обвинителство овде нема ниту право, ниту правдина. Решението за стигање до правда е едно, победа на претседателските избори а потоа на неминовните предвремени парламентарни избори и пораз на деспотот Заев “, рече Мицкоски.

Владеачката СДСМ веднаш реплицираше, обвинувајќи го Мицкоски дека се ставил во одбрана на „својот шеф“ Никола Груевски.

„ Мицкоски денеска застана зад нападот на уставниот поредок и темелите на демократијата што се случија тој ден. Очигледно исфрустриран од сопствената безидејност, од загубената поддршка кај граѓаните и немоќта да го одбрани криминалот на Никола Груевски. Затоа Мицкоски се заканува кон судии и обвинители, се меша во судството, зборува за убиства.Нема Мицкоски да кажуваш ти кој е виновен а кој не од белиот дворец, туку судот и надлежните институции. Република Северна Македонија е правна држава“, стои во соопштението на СДСМ.

Денеска во Кривичниот суд е закажано рочиште од судскиот процес за 27 април на кој последните неколкумина обвинети ќе го дадат својот завршен збор, со што процесот ќе се приведе кон крај а следната недела може да се очекува пресуда. На обвинителната клупа, по амнестијата, останаа осумнаесет обвинети.

Извор: VOA

Прочитајте повеќе

Притисок за да функционира државата

Притисок за да функционира државата

Од стотици регистрирани граѓански или невладини организации, здруженија, фондациии, малку се оние кои  чиј „збор …