Обвинувања за прекршени ветувања и „кршење вратови“ на интерпелацијата во Собранието

Обвинувања за прекршени ветувања и „кршење вратови“ на интерпелацијата во Собранието

Расправата на пратениците и репликите на министрите на денешната собраниска седница за интерпелацијата за Владата, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се вратија во Собранието, попладнево се одвиваше со многу метафори, но со малку нови работи од двете страни.

Во дискусијата предничеше пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, кои првин обвинуваше дека „многу луѓе што ги сретнал во периодот околу велигденските празници се разочарани“, а „по 3-4 членови на СДСМ кинат партиски книшки“.

Пратеничките Милева Ѓорѓиева и Лидија Тасевска од СДСМ и Соња Мираковска од НСДП, излегоа со контраобвинувања дека Македонија денес е во оваа состојба поради огромните напори на власта да ги поправи катастрофалните грешки и криминални дејствија на власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години. Мираковска, интерпелацијата поднесена од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече непримерно однесување и му рече на Ѓорчев дека ќе треба тој и неговите колеги подолго да поседат на левата страна на собраниската сала за да научат како треба да се владее, за разлика од претходно, кога, како што рече, премолчувале „мноштво страшни работи“.

– Колега, одамна сме тука и вие и јас. И сигурно ви е јасно зошто сте тука, на левата страна. Сигурно ви е јасно дека она што и го направите на Македонија не може да се среди за 10 месеци. Мислам дека е последен момент да помогнете за реформите. Затоа, мислам дека е непримерно вашето однесување со оваа интерпелација – рече Мираковска.

Таа праша зошто пратениците од сегашната опозиција 11 години молчеле, кога „овозможивте семејството на вашиот премиер да краде, дозволивте да ги купи или украде сите добри бизниси“ и им порача дека ќе мора да поседат во опозиција за да ја научат лекцијата како „се владее со срце и се работи за државата без калкулација“.

Во сличен дух зборуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која на обвинувањата од опозицијата реплицираше дека не можеле никако да го почнат владеењето „со петта брзина“ кога некој сакал „да им ги искрши вратовите“.

– Дали почнавме во 5-та брзина? Вие да почнете во 5-та брзина, кога овој дел во салата не да ни ги скрши нозете, ама се обиде да ни го скрши вратот…. Не можеше да се почне во петта брзина поради други работи. Кога почнавте вие да владеете во 2006 година, требаше да плаќате 36 милиони евра камати, а ние мораше во првиот месец да плаќаме 133 милиони евра камати за долгови што вие ги создадовте. 1,6 милијарди требаше само во декември да се платат за долговите што ги направивте со вашето „Скопје 2014“ – рече Шекеринска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …