Од денеска ќе може да се вози по автопатот Миладиновци – Штип

Министерството за транспорт и врски информира дека автопатот Миладиновци – Штип од денеска е пуштен во сообраќај во двата правци. Поради тоа што допрва треба да се довршат одредени инфраструктурни објекти долж автопатот, од Министерството апелираат до сите корисници да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

„Упатуваме благодарност до сите граѓани кои во овие неколку месеци беа трпеливи во однос на користење на оваа автопатска делница. Упатуваме благодарност и до сите градежни компании кои директно или индиректно беа вклучени во изградбата на овој значаен капитален објект“, се наведува во соопштението од Министерството.

Граѓаните во наредните месеци ќе имаат можност бесплатно да патуваат по автопатот долг 47 километри. Двете патарини на автопатот треба допрва да се градат, за што ќе се подигне заем од Европската банка за обнова и развој. Максималната брзина на движење на автопатот Миладиновци – Штип е 130 километри на час, а со неговото пуштање во употреба ќе се скрати времето на патување меѓу Скопје и Штип на 45 минути.

Овој автопат започна да се гради во февруари 2014 година, со ветување од тогашната власт дека ќе биде завршен најдоцна до 1 мај 2017 година. Сепак, до овој период беа комплетирани помалку од 60% од севкупните работи, со што постојната влада беше принудена да склучи дополнителен анекс со кинеската компанија „Синохидро“ за продолжување на крајниот рок за пуштањето во употреба на автопатот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …