Од денеска скенирајте сметки, ќе се враќа ДДВ

Од денеска скенирајте сметки, ќе се враќа ДДВ

Мерката за поврат на 15% од ДДВ на годишно ниво може да врати и до близу 500 евра кај семејство. Очекувањата се различни, оценките поделени.

Ако имате над 15 години, мобилен телефон и трансакциска сметка, регистрирајте се во Управата за јавни приходи, симнете ја апликацијата „Мој ДДВ“ сликајте го бар кодот од секоја фискална сметка и очекувајте поврат на пари. Овие неколку чекори се потребни за да влезете во кругот на поврат на данокот на додадена вредност, новата владина мерка која почнува да се применува.

Граѓаните задоволни но и збунети

За секоја сметка од пазарење, максимум со поединечна вредност до 30.000 денари, ќе се враќаат 15% од платениот ДДВ. Или, за сметка во вредност од 1000 денари за која се плаќа 180 денари ДДВ, државата ќе врати 15% или 27 денари. Првата мерка која значи побврат на пари кај граѓаните звучи едноставно и дефинитивно примамливо за граѓаните. Во најголем дел слушнале за неа, но не сите се запознати како точно таа функционира:

„Слушнав дека од 1 јули почнува, но искрено да Ви кажам малку сум збунет. Слушам различни суми кои можат да се враќаат и тоа е добро. Но како ќе функционира ќе мора да видиме“….„Не знам како ќе функционира, ама ќе научам. Слушам дека некои велат оти тоа што ќе можело да се врати ќе било малку. Од мојава плата која е околу 30 илјадарки не знам колку ќе вратам, некои ми викаат малку, некои многу. Ќе видиме….. Поврат на ДДВ? Одлична мерка и да Ви кажам дека ептен ми е мерак. Ова е добра работа, само не знам колку и за мене. Не сум многу по собирањето сметки, ама за ова ќе ги задолжам децата и жената, да се занимаваат нешто па да капне некој денар”, коментираат граѓаните кои ги прашавме пред еден од маркетите во Скопје.

Повратот според потрошеното

Едно лице месечно може да врати максимум 600 денари за кои ќе треба да потроши над 22 илјади денари. Или едно семејство, максимум 28.800 денари на годишно ниво. Надлежните велат дека годинава повратот ќе се врши на крајот на годината, а веќе од наредната, на секои три месеци. Граѓаните кои ќе ги скенираат сметките, нема да треба да прават ништо дополнително, туку само да чекаат исплата на својата трансакциска сметка. За синдикатите, мерката е позитивна, иако велат дека и тие немаат доволно информации како ќе се применува:

„ Има добри работи, но некои од нив се` уште не се јасни. Да видиме како ќе биде, но во секој случај е добро што некој денар ќе се добие. Кога некој нешто ти дава како синдикат треба да кажеш фала. Но факт е дека има различни мислења пред се околу тоа колку ќе се враќа и дали е тоа малку или многу. Не ни се до крај јасни сите работи, но како синдикат мораме тоа да го поздравиме, а колку ќе допринесе, колку ќе заживее ова останува да видиме“, коментира Марјан Ристески од КСОМ (Конфедерација на синдикални организации)

Покрај враќањето на парите кај граѓаните, дополнителен бенефит од новата владина мерка според Ристески е што граѓаните на некој начин ќе се мотивираат да бараат фискални сметки.

Како работници тоа го оправдуваме, дури и да се повика граѓаните да бараат да се издаваат фискални сметки за да се намали сивата економија. Еве ние како синдикат постигнавме договор да повикаме да се издаваат и дај боже ова да се одрази позитивно. Граѓаните ќе бидат на некој начин како инспектори. Но ние очекувавме да бидат поголеми суми, вака кога еден просечен работник ќе направи некоја математика некако не му оди да се расправа на места каде не издаваат фискални сметки. Дакли ќе вреди да се расправа за фискална сметка која ќе ти донесе 10 денари. Но да видиме, добро е и треба да се мотивираат граѓаните да бараат, а и продавачите да издаваат“, смета Ристески.

Токму намалувањето на даночната евазија е основната причина за донесувањето на законот:

„Со донесувањето на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, физичките лица ќе имаат право на враќање на дел од платениот данок на додадена вредност, при што истите самите на некој начин ќе бидат инспектори, односно ќе бараат да им се издадат фискални сметки. Поради тоа се очекува и зголемување на регистрираниот промет преку фискални системи на опрема, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници“, пишува во образложението на законското решение кои минатата недела помина во парламентот.

Дел од јавноста критикува

Сепак, не сите позитивно ја оценуваат мерката. Дел од јавноста реагира дека мерката повеќе била популистичка и главно насочена кон побогатите кои и ќе имаат најголем бенефит од неа. Односно дека повратот ќе биде недостижен, или многу минимален за мнозинството од граѓаните во услови кога дури 75% од работниците земаат плата под државниот просек.

Анализата на Фајнанс тинк покажува дека само најбогатите домаќинства кои годишно трошат по 1,2 милиони денари, ќе можат да вратат една просечна плата со новонајавената мерка.  Најсиромашните домаќинства ќе вратат само 738 денари. Семејство кое нема автомобил, што троши месечно 32.670 денари, колку што изнесува минималната потрошувачка кошница која ја пресметува синдикатот, ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година. Оваа сума можат да ја достигнат само семејства со најмалку една просечна и една минимална плата.

Заев ги критикува мрчаторите

За власта „Мој ДДВ” е еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата. Премиерот Зоран Заев ги отфрла критиките како неосновани.

„Она што е важно е на први јули да почне проектот на повраток на ддв и сите оние што кубат коси да престанат со тоа заради тоа што е изгорена нашата земја, никогаш не се враќале пари, е сега дали некој ќе добиел 12 илјади, 15 или 27 илјади и слично, дебата ја отвараат одреден дел мрчатори во општеството. Ние враќаме пари кај граѓаните и ова е толку, дај боже да враќаме повеќе, ако проектот успева граѓаните ќе вратат повеќе пари”, изјави Заев.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак критикува дека власта манипулирала со мерка која ќе им донела бенефит само на најбогатите. На владата и предложија, доколку сака да им помогне на граѓаните да го врати рамниот данок, да ја укине зголемената акциза на нафтата, да стимулира намалување на цените на мало и да почне да ги реализира капиталните инвестиции кои досега годинава се на најниско ниво на реализација.

Според проценките на Владата, мерката годишно ќе обезбеди поврат по основ на вратен ДДВ кај граѓаните до 50 милиони евра. Од Управата за јавни приходи веќе соопштија дека станува збор за нова реформа, која што за прв пат се воведува во државата, а по начинот на кој што ќе се реализира е прва од ваков вид и на Балканот.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Германија: Повеќе работа не значи секогаш и повеќе пари

Откако актуелната влада го подигна нивото на социјална помош, се водат дебати дали воопшто се …