Од еуфорија до разочарување – петте фази на изборната победа

Пишува: Зоран Милошески

Долгогодишното животно искуство и бележењето на политичките настани, не’ научи точно да го идентификуваме времетраењето на „симптомите“ на изборниот триумф и речиси безгрешно да го исцртаме постизборниот календар.

Новите локални власти и победничките коалиции во сите општини во државата, сеуште ја живеат првата фаза од изборниот триумф, која подразбира комплетна еуфорија на сите нивоа, вклучително и меѓу гласачите.

Преполни со себе и со постигнатиот резултат, новоизбраните локални татковци и мајки, генерално, ги користат истите фрази: дека во општината дошла слободата, дека затекнале празна општинска каса и, онаа унифицираната, дека ќе работат и ќе носат одлуки во интерес на граѓаните.

Се разбира, секогаш постојат егземплари кои одат и чекор понатаму, додворувајќи им се на граѓаните преку манифестирање квазипатриотизам во најбанални форми. Како на пример, потпишување правно невалидни изјави од страна на советниците на ДПМНЕ и Левица во неколку општински Совети, на кои не стои уставното име на државата. Тоа што на истите советници не им сметало да го стават својот потпис на документи со кои учествувале во изборниот процес а на кои пишува Република Северна Македонија, или пак кога земаат плата и советнички паушал, тоа – ако!

Она што следува потоа, во втората фаза, е – кадровската политика. Поточно, разрешување на старите и именување нови директори на јавните комунални претпријатија, на основните и средните училишта, како и на други институции кои се во надлежност на локалната самоуправа. И тука почнува „отрезнувањето“ и појавувањето на првиот камен на сопнување. Оти, директор на институција може да биде еден, ама бројката на заинтересирани за седнување во удобната фотелја е барем петкратно поголем!

Отпочнувањето на третата фаза, онаа приземјувачката, значи дека дошло време кога новоизбраните и новоназначените функционери треба да почнат да се занимаваат со својата работа. Со онаа за која биле избрани или именувани – решавање на проблемите на граѓаните. А тоа е веќе проблем! Оти напишаните проекти во изборната програма и можноста за нивна реализација согласно ветената временска рамка, неретко претставува „невозможна мисија“.

Имено, имплементацијата на планираните инфраструктурни проекти е процес кој не се случува преку ноќ. Напротив, за тоа е потребно време и исполнување на неколку предуслови:

  • Проектите да се влезени во плановите и програмите за работа на локалните самоуправи;
  • Да бидат изработени идејни и основни проекти и потребната техничка документација;
  • Да се обезбедат финансиски средства за нивна имплементација;
  • Да се распишат тендери и да се изврши избор на најповолните понуди.

Без запазување на наведените постапки и чекори, секое отпочнување на градежни или било какви други активности, претставува кривично дело.

И следната, четвртата фаза во работата на новите локални власти, е поврзана со кадровската политика. Ама овој пат со онаа која ги тангира „широките народни маси“ и која е непосредно поврзана со исполнување на дадените изборни ветувања на победничката опција.

Тоа подразбира масовни вработувања, односно вдомување на „државни јасли“ на сите невработени партиски членови и активисти, но и на оние другите кои на локалните избори го дале својот глас за „нашите“. А бидејќи „нашите“, по правило, секогаш победуваат, желбите во најмала рака се правопропорционални со бројот на освоените гласови. Ако се има предвид фактот дека јавната администрација и онака е двојно побројна од реалните потреби, тогаш е јасно дека барањата на гласачите, наспроти објективните можности и потреби за вработување, се чиста утопија!

Токму оттука, од разочарувањето и изневерените очекувања на армија луѓе заради неостварениот личен бенефит, почнува последната, петта фаза.

Ситните подметнувања од незадоволните сопартијци и вработените административци, се’ погласното јавно критикување на работата на градоначалникот и тивкото будење на опозицијата од постизборниот шок, стануваат новото јаве со кое актуелните власти ќе треба да научат да живеат и да се справуваат.

И така до новите локални избори, на кои во најголемиот дел од општините ќе се оди со мотото „Дајте друго дете!“.

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …