Од идната година се спушта возрасната граница за достапноста на услугата лична асистенција од 18 на 6 години

Од идната година се спушта возрасната граница за достапноста на услугата лична асистенција од 18 на 6 години

Премиерот Зоран Заев денеска по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост-3 Декември учествуваше и се обрати на Онлајн тркалезна маса на тема: „Трансформација на општеството: Заедница за сите“, во организација на Министерството за труд и социјална политика во соработка со Комисијата на Европската Унија во Скопје и во ко-организација на Владата на Република Северна Македонија и Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Изразувајќи задоволство што е дел од одбележувањето на како што рече овој значаен ден од календарот на Обединетите нации и на целото човештво – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, премиерот Заев во своето обраќање истакна дека Владата во изминатите три години успеа да ја оствари воспоставената цел, односно да ги направи институциите на општеството, сојузници на лицата со попреченост, од кои секогаш треба да очекуваат политики за подобрување на нивната положба.

„Денеска, со особено задоволство сакам да најавам дека од идната 2021 година услугата лична асистенција ќе биде достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот. Министерството за труд и социјална политика ги изготви измените на Законот за социјалната заштита, кои низ соодветната владина процедура, ќе бидат доставени до Собранието на усвојување и ќе овозможат лични асистенти да користат деца на возраст од шест години и повеќе. На барање на семејствата на децата со попреченост, ја намалуваме возраста кога личната асистенција станува законско право – од сегашните осумнаесет на шест години”, рече премиерот Заев истакнувајќи дека средствата за личните асистенти ќе се обезбедат од Буџетот и ова ќе придонесе за стекнување со образование на децата со попреченост, како и нивна социјализација и развој на еднаква основа со нивните врсници и иден активен граѓанин во општеството.

,,Оваа година го одбележуваме Меѓународниот ден на лицата со попреченост со остварени резултати од промените што ги донесовме за спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во нивното секојдневие, во здравството, образованието и социјалната заштита. За тоа добивме и признанија дека сме најдобри во регионот”, рече Заев изразувајќи задоволство што Владата успеа да создаде амбиент во кој сите сограѓани се еднакви каде на преден план се предностите, а не попреченоста.

,,Активностите за асистенција на ранливите категории и на лицата со попреченост се реализираа во 27 општини со вклучување на околу 200 невработени лица како испорачувачи на услугите за над 1.500 лица крајни корисници”, посочи премиерот Заев подвлекувајќи дека заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка реализирана се и услугите за поддршка на лица со попреченост и други ранливи категории во услови на КОВИД-19, кои ќе имаат свое влијание и во пост-ковид периодот за полесно враќање во нормалното секојдневие.

Премиерот Заев додаде дека е воведено и правото за надоместок за лица со интелектуална попреченост и зголемен е надоместокот за скратено работно време до 50% од просечната плата, сите деца се преселени од институциите и се згрижени во групни домови или згрижувачки семејства, за првпат кај нас законски се воведоа услугите за лична асистенција, помош и нега во домот и одмена на семејната грижа, изразувајќи увереност дека со ист интензитет продолжуваат разговори и за нови законски измени и дополнувања кои се однесуваат на вработувањето на лицата со попреченост, на Националниот регистар на лицата со попреченост и на Комисиите за функционална проценка на нивната работоспособност за да можат да бидат вклучени на пазарот на трудот.

Претседателот на Националниот совет на инвалидските организации и претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Томица Стојановски, во своето обраќање ја истакна потребата од континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост, на национално и на локално ниво, и посебно се осврна на  образованието на лицата со интелектуална попреченост и за доследна имплементација на новиот Закон за основно образование кој јасно промовира инклузивно образование.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека искрено верува во концептот „Едно општество за сите“, кој подразбира создавање на услови и можности за еднакви можности на сите граѓани за личен и општествен развој.

„Попреченоста е човеково право, а не медицинска дијагноза. Борбата против дискриминација, по било кој основ, вклучувајќи ја и дискриминацијата по основ на попреченост продолжува со имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација – првото законско решение изработено во Министерството за труд и социјална политика во овој мандат“, истакна министерката оценувајќи дека законските одредби каде попреченоста е експлицитно наведена како можна основа за дискриминација и каде се дефинира како дискриминација отсуството на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност на инфраструктурата и добрата и услугите,  обезбедуваат  Законот да претставува моќна системска алатка за заштита на лицата со попреченост од дискриминација.

„Пилотираме проект во два Центри за рехабилитација на лица со попреченост во Скопје и Струмица чии искуства ќе бидат вградени во новиот Закон за вработување на лица со попреченост“, истакна Шахпаска поканувајќи ги лицата со попреченост, нивните семејства и здруженија, да продолжат да ги следат Владините активности, низ дискусија и размена на мислења заедно да стигнат до најдобрите решенија и да се осигурат дека никој, ниту еден човек, со или без попреченост, нема да биде исклучен.

Обраќајќи се на Онлајн тркалезната маса по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека заложбите на Владата е да се воспостави инклузивно образование преку коешто ќе се постигне максималниот потенцијал на секое дете.

„Инклузивното образование е процес со кој треба да излеземе во пресрет и да одговориме на различните потреби на децата, односно учениците, преку обезбедување на пристапност, соодветна поддршка, зголемување на учество во учењето, во училиштето и во заедницата. Сето тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, соодветни наставни приоди, организација на воспитно-образовниот процес, за да се овозможи квалитетно образование за секое дете“, рече Царовска истакнувајќи дека за првпат е воведена услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование, преку донесување на  „Нормативот за услугата образовна асистенција, описот на компетенциите и работните задачи“, за што за првпат се предвидени и финансиски средства во висина од 54 милиони денари.

За напорите на Министерството за здравство во однос на препораките за превентивните мерки, кои се однесуваа на заштита од КОВИД-19, каде лицата со попреченост беа изземени, земајќи ги предвид карактеристиките и спецификите на нивното функционирање, министерот Венко Филипче се задржа на услугите кои конкретно се обезбедуваат за овие лица.

Тој посочи дека во соработка со граѓанските организации и со проектот на Светска банка се обезбедува пристап до здравствените организации, како и до специјализираните Ковид-центри  во повеќе градови во државата.

„Инвестиравме многу, во соработка со граѓанските организации и во делот на поставување на сензорските соби, во Скопје и во Охрид, посебно за децата со попреченост во интелектуалниот развој, пружајќи услуга, којашто до тогаш не беше воопшто достапна за децата во овие региони“, рече Филипче.

Министерот Филипче изрази надеж дека соработката со граѓанските организации ќе продолжи и во иднина во интерес на исполнување на подобри услуги за оваа категорија на граѓани.

Евроамбасадорот во земјата, Дејвид Гир истакна дека целта на овој ден е да се зголеми јавната свест и разбирањето за попреченоста, како и да се промовираат правата на граѓаните со попреченост и да се истакнат способностите на лицата со попреченост низ целиот свет. Говорејќи за Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост тој истакна дека  граѓаните со попреченост се третираат како активни учесници во општеството, а не како пасивни приматели на услуги.

Тој истовремено истакна дека со Конвенцијата се осигуруваме дека оваа категорија на граѓани се способни да ги споделат своите таленти и продуктивно да придонесат за општеството преку обезбедување еднаков пристап до сите области на животот како и сите други граѓани и промовирање на нивното независно живеење.

„Северна Македонија направи многу во текот на изминатите четири години зајакнувајќи ги правата и отстранувајќи ги бариерите за лицата со попреченост, но треба да се продолжи во насока на обезбедување полноправни права во согласност со Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за правата на лица со попреченост“, истакна во своето обраќање Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. Дуџиак додаде дека е важно да не се застане и да се задржи моментумот на реформа за подобрување на животот на лицата со попреченост и да се овозможи нивно целосно и еднакво учество во општеството и нагласи дека Обединетите нации, со својата експертиза, се подготвени да продолжат да ја поддржуваат Владата, како и организациите на лицата со попреченост за овие важни реформи.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …