и почетоци на изградба на истиот пат на Коридорот 8. За ВМРО ДПМНЕ ова е најголем проект, а во опозиција го критикуваа договорот со Бехтел и Енка. ДУИ задоволни, СДСМ изненадени од промената на ставот на премиерот Мицкоски.
Кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, договорот со Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10, го нарекуваа криминален, таен и најавуваа негово репреговарање.
Сега, за министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ова е најголем проект во поновата историја. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека она што било илузија, сега е вистина, бидејќи се работи на терен.
Од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина, откако ќе биде готов автопатот, кој се очекува да биде завршен за 5 години. Ова го изјави Николоски по увидот на локацијата каде вчера (28 октомври) продолжија градежните работи работи на трасата Гостивар-Букојчани во должина од 30км. Оваа траса е дел од коридорот 8 што го гради конзорциумот Бехтел и Енка, а чија изградбата стагнираше две години поради експропријација на земјиштето.
Освен Николоски, увид во градежните активности направи и премиерот Христијан Мицкоски, владини претставници и Амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
За Мицкоски, ова е посебно значаен момент, бидејќи како што изјави, после две години празни муабети и ветувања, конечно може да се види нешто кое треба да претставува дел од сонот што го имаат како Влада.
„А тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност“, изјави Премиерот Христијан Мицкоски.
За вицепремиерот Изет Меџити, со продолжувањето на изградбата, се затвора темата за Коридорот 8 како политичка тема.
„Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развој на земјата, за економски развој и воопшто немам дилеми дека Бехтел и Енка следната недела ќе дојдат и ќе бидеме сведоци на реазлизацијата на проектот“, рече Меџити.
ДУИ задоволни, СДСМ изненадени
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на денешната прес конференција изразија задоволство што изградбата на Коридорите 8 и 10д продолжува.
„Ова само го потврдува нашиот стабилен визионерски пристап и долгорочните политики за напредок на земјата и за изградба на модерна патна инфраструктура“, се истакна на прес конференцијата.
Во октомври минатата година, првиот вицепремиер и координатор за изградбата на коридорите 8 и 10д Артан Груби и член на ДУИ, изјави дека државата нема платено ниту еден пенал на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на делниците од Коридорите 8 и 10Д.
Тој побара и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ да ги повикаат граѓаните да конкурираат на работните места кои ги бара конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопатски делници во земјава.
Од опозициската СДСМ, во денешното соопштение истакнуваат дека Мицкоски го сменил ставот откако седнал во премиерската фотелја.
„Кога беше во опозиција Мицкоски на сите ѕвона го прогласи договорот со ‘Бехтел и Енка’ за „историски криминал” и тврдеше дека е ‘спорен по сите основи’. Е ама откако седна во премиерската фотелје смени лента Мицкоски преку ноќ. Сега наеднаш Мицкоски го фали со истиот тој договор со „Бехтел и Енка”, гордо кажува дека е добар за државата, раскажува колку биле значајни проектите за изградба на Коридорот 8“, се вели во соопштението.
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – да се раскине или да се репреговара. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски, на 16 мај, пред да стане мандатар на новата Влада.
Договорот не се раскина, а откако се потпиша во март 2023, за време на владеењето на СДСМ и сега, за време на владеење на ВМРО ДПМНЕ, главен проблем е експропријацијата на земјиштето каде треба да поминува трасата.
Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, завршена е половина од постапката за експропријација на имотот. Тој најави дека до крајот на годинава ќе заврши целосно и истакна дека според договорот, требало да биде завршена уште пред тој да стане директор.
„За 12 месеци имаше експроприрано 1117 катастарски парцели, а откако сум дојден за директор за два и пол месеци експроприравме 2432 парцели“, напиша Трајановски на социјалните мрежи.
Според првичната проценка на изведувачите требаше да се одземе околу 60 хектари земјиште во селата Горна и Долна Бањица, што е колку 120 фудбалски игралишта. Мештаните за возврат ќе добијат по 650 денари (околу 10 евра) за квадратен метар земјиште.
Три почетоци на изградба на истиот пат
Во Горна Бањица, лани на 12 септември, беше одбележан последниот од трите официјални почетоци на градба на автопатите. Функционерите првпат фрлија лопата на 4 април, за старт на изградба на Коридорот 8. Камен темелник на Коридорот 10д означија на 12 мај.
Потпишаниот договор во вредност од 1, 3 милијарди евра предизвика реакции во јавноста, а се заинтерсираа и институциите. Прво Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет за проектот за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, по објавите во медиумите околу постапката на изборот на фирмите за надзори и го достави до Обвинителството кое исто така има отворено предмет по допрен глас.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски уште во јуни годинава најави дека наскоро може да се очекува јавнообвинителската одлука за овој предмет, но до овој момент нема епилог.
„Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејствија и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука,“ изјави Коцевски, во интервју за „360 степени“, за предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.
Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите, Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот. И Основното јавно обвинителство, но и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отворија предмети за коридорите.
Собранието во јули 2021 донесе Закон за стратешко партнерство со Бехтел и Енка за градба на автопатиштата. Според тој закон, требаше да се сменат и усогласат уште неколку постоечки закони во рок од шест месеци од стапувањето на сила на Законот за стратешко партнерство, односно до јануари 2022. Но, тоа не се направи, а Владата по 20 месеци откако го донесе Законот, потпиша договор со „Бехтел и Енка“.
Еден месец подоцна пратеници од владејачката коалиција СДСМ – ДУИ, предложија измени на закони за да се олесни изградбата на патиштата. На 10 април, во Собранието се усвои потреба по скратена постапка да се носат осум закони, а Законот за културно наследство беше повлечен.
Кое е значењето на автопатот?
Коридорот 8 е долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и има шест ленти.
Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10-Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда, наведува Енка на својата веб страница.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, на 24 октомври изјави дека Европската Унија ќе поддржи проекти за обновлива енергија и коридорите 8 и 10.
„Ова всушност го вклучува многу важниот проект на железничкиот Коридор 8, кој ве поврзува вас со Албанија, со западна Бугарија и на исток. Го вклучува и овој коридор, исто така и Коридорот 10, кој оди од Грција до Будимпешта и ја минува вашата цела земја“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, овие инвестиции ќе ја претворат Северна Македонија во клучна точка за транспорт и ќе донесат голема бенефиција за граѓаните.
Извор: РСЕ