Од полковник до покојник и - обратно

Од полковник до покојник и – обратно

Пишува: Зоран Милошески

Десетдневната папазјанија околу изгласувањето (не)доверба на Владата заврши онака како што малку кој очекуваше.

После поразот на штотуку завршените локални избори и двојната експресна оставка во најава на Заев, ја донесе опозицијата во речиси сигурна позиција за туркање на Владата и, во најмала рака, распишување предвремени парламентарни избори во кои таа би влегла како изразит фаворит.

Но, денот „Д“ уште еднаш го потврди непишаното правило – дека ништо не е готово додека не биде готово. И дека патот „од полковник до покојник“ е краток, двонасочен и полн со замки.

Најавениот опозициски триумф, за Мицкоски и присобраното друштво се претвори во вистински дебакл. Не само што не ја турнаа Владата и не формираа ново парламентарно мнозинство, туку со закажаната а неодржана седница постигнаа контраефект: ги зајакнаа позициите на премиерот и директно придонесоа за извесното зголемување и долгорочно стабилизирање на парламентарното мнозинство предводено од СДСМ.

И тука тој дел од приказната завршува.

Меѓутоа, вториот дел, оној поважниот за граѓаните и државата, допрва почнува.

Ослободени од било каков триумфализам, бидејќи за такво нешто воопшто и нема причина, пред Заев и Владата стојат два големи предизвика со кои ќе мора да се справуваат сега и веднаш: енергетската криза и очекуваниот нов бран на коронавирусот.

Но она кое Заев прво треба да го направи, е итна и квалитативна реконструкција на првиот и вториот владин ешалон. Без калкулирање, сентименталност и без било какво прогледување низ прсти на сите оние кои злоупотребувајќи ги функциите кои ги извршуваа(т), ја девалвираа државата, а партијата ја доведоа до работ на провалијата.

Оставките на министерот за земјоделство и двајцата заменици министри од редовите на Беса, треба да претставува вовед во драстични кадровски промени, но и поттик нивниот пример да го следат сите оние кои чувствуваат макар и малку грижа на совест и лична одговорност за исходот од локалните избори. Ако воопшто има такви „јунаци“!?

Она на што во овој момент Владата нема преголемо влијание, а кое ќе расчисти многу дилеми околу (не)извесната иднина на државата, е одговорот на прашањето: ќе се одржи ли во декември првата меѓувладина конференција со ЕУ?

И досега во неколку наврати од седиштето на ЕУ доаѓале срамежливи најави како потврден одговор на прашањето, па сепак се’ останало на поговорката за кокошката и просото. Меѓутоа, се чини дека ветровите кои последниве неколку недели дуваат од Брисел кон Скопје, не биле никогаш појасни и поветувачки од сега. Оттаму, со право може да се надеваме дека во новата година ќе влеземе со датум за почеток на преговорите со ЕУ, што секако ќе внесе оптимизам во нашето сивило.

Како и да се земе, целиот фокус на политичкиот и партискиот живот во земјата е насочен кон еден човек – Зоран Заев. Од реакциите на медиумите и првенствено од коментарите на социјалните мрежи, очигледно е дека многумина грешно го разбраа одлагањето на поднесените оставки. Не разбраа дека Заев не ги повлече, туку на барање на Централниот и Извршниот одбор на партијата, но и на меѓународниот фактор, на одредено време само го одложи заминувањето.

Грешната перцепција беше причина за будење на, за кратко, подзаспаната стара болка на социјалдемократите – бесрамното лобирање и самопромовирање заради остварување на личниот интерес. Ако порано стануваше збор за поединци, последниве години нивниот број достигна алармантни размери. За очекување е дека после анулирањето на опасноста од пад на Владата, ваквото “будење“ допрва ќе зема замав.

Тоа значи дека од понеделник реки на автомобили со актуелни или, по свое наоѓање, потенцијални државни и партиски функционери, од внатрешноста на државата ќе се слеваат кон „Бихаќка“ и „Илинденска“. Заедничкиот именител за секој од нив е – „јас сум арниот, вистинскиот, способниот, спремен од висока и добро платена позиција да се жртвувам за доброто на партијата и државата“.

На ваквите „пијавици“ и „крвопијци“ на кои наречниците им прорекле дека животот ќе го поминат во фотелја, не само што треба строго да им се забрани пристапот до владиниот и партискиот кабинет на Заев, туку не треба да им се дозволи да ја поминат последната патарина пред Скопје. Оти освен брз и лесен профит за сопствениот џеб, армијата на безрбетници и бесрамници нема никаква друга идеологија. Од таквите фајде нема ни партијата, најмалку пак државата.

Сакам да верувам дека после сите збиднувања на политичката сцена во државава во последниот месец, после губењето на изборите и високата цена која допрва ќе ја плаќаат „обичните“ граѓани и искрените поддржувачи на СДСМ, дека после многуте најавени а неостварени „метли“ и „генералки“, Заев конечно заврти друга страница. Дека на свој грб го почувствува неработењето, неспособноста, корумпираноста и алчноста на голем број „полжави“ кои на врвот на планината се искачиле на, за нив, единствениот можен начин – со лигавење.

Затоа, пред темелната партиска реконструкција на сите нивоа, која убеден сум ќе следува веднаш после декемвриската разврска околу датумот за преговори со ЕУ, јасно треба да бидат исцртани критериумите и профилот на оние кои можат да извршуваат високи државни и партиски функции: компетентност, посветеност, одговорност, отчетност и транспарентност.

Ова е последната шанса за СДСМ. Друга, на подолг рок, нема да има!

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …