На денешната прес конференција во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беше речено дека до денеска, на државно ниво откупени се откупени 25 милиони килограми тутун, по просечна цена од 214 денари за еден килограм.
Во прилепскиот регион откупени се околу 13 милиони килограми, за кои тутунопроизводителите ќе добијат повисоки субвенции: 80 денари за прва класа, 70 за втора и 60 денари по килограм за трета и остнатите класи. Тоа значи дека само по основа на субвенции, во прилепскиот регион ќе бидат исплатени околу 14 милиони евра.
„Ги информираме тутунопроизводителите, дека со новиот Закон за тутун кој е во собраниска процедура, од наредната година ќе бидат укинати евидентните листови. Минатата година, за изминатата реколта 2018/2019, од Подрачното министерство за општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, беа издадени 10.300 евидентни листови, односно бели картони. Бидејќи минатогодишната реколта беше една од најдобрите, очекуваме интересот за претстојната сезона да биде уште поголем“, изјави Зоран Пачешкоски, овластен раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Прилеп.
Според Пачешкоски, очекувањата се дека годинава ќе бидат издадени околу 11.000 бели картони, а дека тутунот ќе биде засаден на површина од близу 7.000 хектари.
Издавањето на евидентните листови, или таканаречените бели картони во Подрачната единица за земјоделство во Прилеп, ќе започне од понеделник.