Буџетот само што беше прекроен, а веќе се отвора прашањето дали ќе биде потребна нова интервенција. Додека Владата се обидува да ги задржи цените на горивата меѓу најниските во Европа и инфлацијата под контрола, сметката од овие мерки сè појасно се пресликува во државната каса. Проценките се дека до крајот на годината ќе недостигаат меѓу шест и седум милијарди денари (над 100 милиони евра), што повторно ја става темата за ребаланс на буџетотво фокусот на економската јавност.
Горивата ја намалуваат буџетската математика
Можноста за уште еден ребаланс на буџетот до крајот на годината станува сè поизвесна откако Владата процени дека поради намалените приходи од акцизи и ДДВ за горивата во државната каса би можеле да недостигаат меѓу шест и седум милијарди денари.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, изјави дека Владата ја разгледува можноста за нов ребаланс, иако приоритет останува заштитата на животниот стандард и контролата на инфлацијата.
„Не би рекол дека кај нас инфлацијата има голем замав. Два месеци по ред е, условно кажано, контролирана и е под европскиот просек. Ќе видиме како ќе биде во септември. Сè што е од 2 до 3 проценти е во рамките на очекуваното. Сериозен предизвик е неизвесноста во врска со испораката на нафтата и нафтените деривати во светот, цените на берзите и мерките што ги имплементираме како Влада за да го одржиме ниско нивото на цените на горивата, најниско во Европа. Тоа ќе нè чини речиси пет милијарди денари по основ на акцизи, а поради намаленото ДДВ и уште некоја милијарда повеќе“, истакна Мицкоски.
Во јули годинава беше усвоен ребаланс на буџетот за 2026 година. Со него вкупните приходи беа ревидирани на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди денари. Буџетскиот дефицит беше проектиран на 46,3 милијарди денари или 4,1 процент од бруто-домашниот производ.
Според образложението на Министерството за финансии, со измените беа обезбедени дополнителни средства за капитални инвестиции, локален развој, земјоделство, социјална заштита и за исполнување на законските обврски на државата.
Анализи во Министерството, предупредувања од економистите
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не ја исклучува можноста за нов ребаланс и посочува дека во тек се дополнителни анализи.
„Во моментот во Министерството за финансии работат на дополнителна проверка на бројките и вршење анализи врз основа на кои ќе видиме дали ќе одиме со уште еден ребаланс, што не е невообичаено. Во 2022 година имавме два ребаланса“, изјави министерката деновиве при посетата на Њујорк.
Таа нагласи дека сервисирањето на сите буџетски и кредитни обврски се одвива редовно, како и исплатата на плати и пензии, оценувајќи дека состојбата останува под контрола и покрај притисоците врз јавните финансии.
Во меѓувреме, поранешниот министер за финансии Никола Поповски смета дека втор ребаланс до крајот на годината е речиси неизбежен.
„По мое видување, втор ребаланс ќе биде нужен, што не е добра слика за нашата економија. Дефицитот веројатно со третиот квартал ќе се приближи до годишното ниво, а финансирањето на потрошувачката во следните три месеци на тој начин е невозможно“, рече Поповски во емисијата „Трилинг“.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место