Градот Скопје и ЈСП ги известуваат граѓаните дека од утре, 12 март, автобусите на јавниот превоз ќе сообраќаат според редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимскиот, односно летниот училишен распуст.
Редуцираниот возен ред се воведува согласно со актуелната состојба со корона вирусот, намалениот број на корисници на јавниот превоз и како една од мерките и препораките за превенција од ширење на вирусот. Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции.
Градот Скопје и ЈСП апелираат граѓаните рационално да го користат јавниот превоз и потсетуваат дека сите возила на ЈСП се подложуваат на дополнителен третман за дезинфекција, уште од пред десетина дена.
„Секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од мерките за заштита од коронавирусот. Возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10%, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како што се ракодржачите и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз“, се нагласува во соопштението на Град Скопје.
ЈСП вели дека секојдневно врши редовна внатрешна дезинфекција на автобусите преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега.