бензин дизел бензинска

Од вечерва на полноќ поевтинуваат горивата

Од вечерва на полноќ престанува важноста на Уредбата со законска сила за примената на Законот за акцизи за време на вонредна состојба, со што во сила стапува Законот за акцизи. Поради тоа, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) соопшти дека е извршено усогласување со Законот, на веќе претходно донесената одлука од 18 јануари годинава, за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт.

„Поради истекување на важноста на Уредбата што беше донесена за време на вонредната состојба, од вечерва на полноќ се враќа во сила Законот за акцизи кој се применуваше пред да се донесе Уредбата. Поради тоа РКЕ донесе измени во износите на одделни елементи при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и на горивата за транспорт, кои се променети согласно износите на акцизите во Законот за акцизи. Овие цени ќе важат, се до донесување на нова одлука“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Според тоа, РКЕ соопштува дека од вечерва на полноќ малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95, еуросупер БС-98, и на еуродизел (Д-Е V) се намалуваат за 2 денара за литар, во однос на малопродажните цени со одлуката од понеделникот, 18 јануари 2021 година. Додека малопродажната цена на Екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 13 денари за литар и ќе изнесува 41,50 денари. Цената на Мазутот М-1 НС во малопродажба останува на исто ниво.

Новите максимални цени на нафтените деривати од ноќеска на полноќ ќе бидат: еуросупер БС 95 ќе чини 61 денар за литар, еуросупер БС 98 – 63 денари, еуродизел БС (Д-Е V) 52,50 денари, Маслото за горење- Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 41,50  денари за литар и Мазут М-1 НС ќе се продава по цена од 30,823 денари за килограм.

Од РКЕ информираат дека доколку во меѓувреме Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акциза во кои се вметнати одредбите од Уредбата донесена на крајот на јуни 2020, РКЕ ќе закаже седница и ќе изврши соодветно усогласување на одлуката, односно повторно ќе ги изедначи цените на екстра-лесното масло за домаќинство и дизелот.

Инаку, владата на крајот од јуни 2020 година ја донесе уредбата со која се изедначи цената на екстра-лесното масло со дизелот токму поради злоупотребата на ЕЛ-1, кое покрај за загревање на домаќинствата, се користеше и како погонско гориво за возила и механизација. Пред седум месеци, владата објасни дека покрај надминување на ваквите злоупотреби, изедначувањето на цената ќе овозможи и сузбивање на сивата економија, заштита на животната средина, заштита на потрошувачите и пазарот од нелојална конкуренција и ќе се отстранат причините кои го оштетуваа државниот буџет, граѓаните како и компаниите кои работат со нафтени деривати.

Министерството за финансии лани изработи и „Анализа на потрошувачката на екстра лесно масло за горење и предлог мерки за сузбивање на нелегалното користење и употреба“.

„Предноста на зголемувањето и изедначувањето на висината на акцизата е приближување и изедначување на малопродажните цени на дизел горивото и екстра лесното гориво (нафта за домаќинство) што треба да резултира со губење на мотивот и економскиот интерес за злоупотреба на користење на екстра лесното гориво како погонско гориво во возила и механизација“, се вели во Анализата.

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …