Со полагање цвеќе на Могилата на непобедените во Паркот на револуцијата, Општина Прилеп го одбележа 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Покрај градоначалникот Илија Јованоски, почит на загинатите борци од антифашистичката револуција им оддадоа и претставници на Советот на општина Прилеп, касарната „Мирче Ацев“, Сојузот на борци, политички партии и здруженија на граѓани. На одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа присуствуваше и делегација на Амбасада на Руската Федерација, предводена од Александар Космодемјанскиј, Заменик шеф на Амбасадата.

Со потпишување на безусловна капитулација на нацистичка Германија на 9 мај 1945 година, официјално беше ставен крај на Втората светска војна, во која учествуваа 61 земја и која однесе повеќе од 50 милиони животи.

Денот на Европа е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ.