Одбележан Денот на укажувачите: Иднината е во младите, треба јавно и без страв да зборуваат против корупцијата

Одбележан Денот на укажувачите: Иднината е во младите, треба јавно и без страв да зборуваат против корупцијата

Во организација на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) и Младинскиот образовен форум (МОФ), денеска во просториите на Јавна соба се одржа конференција по повод Денот на укажувачите, „Младите ги слават укажувачите“.

На конференцијата, на која присуствуваа млади лица од различни сфери на интерес, студенти и повозрасна публика, воведно обраќање имаше модераторот и новинар Огнен Јаневски кој ја поздрави иницијативата организирана од младите за младите, истакнувајќи ја важноста на темата за укажувачите, за која како што рече многу малку се зборува во последните неколку години.

Кон присутните се обрати и раководителот на РАИ секретаријатот, Десислава Готскова, како и заменикот амбасадор на делегацијата на Европската Унија во земјава, Џулијан Васало. Тие се заблагодарија на сите што земаат учество во оваа конференција посветена на работата на укажувачите, за која како што нагласија, потребно е да се зборува и оддава важност со цел да се изгради подобро општество.

„Гледаме дека младите луѓе се подготвени да зборуваат против корупцијата и поради тоа ве охрабруваме да зборувате гласно и без страв кога ќе забележите нешто што не е како што треба. Тоа не е само одговорност туку претставува должност што нè потсетува дека иднината на државата и Европската Унија ви припаѓа вам“, истакна Васало.

Одбележан Денот на укажувачите: Иднината е во младите, треба јавно и без страв да зборуваат против корупцијата

Првиот говорник на конференцијата беше наградуваниот новинар-истражувач Томислав Кежаровски, чии постигнати резултати во областа за борба против корупцијата и истражувачкото новинарство се од исклучителна важност за промените што се случија во нашата држава во последните неколку години.

Кежаровски посочи кон личниот пример во 2013 година за случајот „Ликвидација“ кога тој беше обвинет и осуден на затворска казна за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица. Тој беше обвинет бидејќи во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ објавил копија од записник на исказ, поради што беше обвинет за објавување на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.

„Работев на многу чувствителна тема во нашата држава, корупцијата. Сметам дека имаме капацитет да создадеме здрава, нормална држава, онаква каква што му доликува на европското општество, рамноправна со сите други, но чинам дека не сакаме. Јас зборував и пишував кога многумина молчеа и не смееја да зборуваат за политика. Во мојата работа немаше можам, имаше само сакам, можам и морам. Она што сите ги засегаше беше од каде ги наоѓам информациите и податоците, но јас за тоа напишав и во својата книга „Кожата да ми ја симнете, нема да ви ги кажам изворите со кои контактирам и кои ми ги пренесуваат информациите“. Храброста не е да имаш сила да одиш понатаму, туку храброста е да одиш понатаму и кога нема сила“, порача Томислав Кежаровски во својот говор.

Кежаровски подвлече дека не треба да се заборави на монтираните политички судски процеси, дека најважно е никогаш да не се откажуваме од вистината и дека тој и неговите соработници се тука за да потсетуваат и да ја охрабруваат младината да се бори со корупцијата и да зборува гласно за нештата кои треба да се променат.

„Новинарот не треба да ги напрега очите гледајќи во магловита далечина, тој треба да го види она што јасно му се исцртува пред очи и да се фати во костец него, а јас со многу работи се фатив во костец“, рече Томислав Кежаровски.

На конференцијата се обрати и Елмерина Ахметај Хреља, експерт за антикорупција и вработена во секретаријатот на РАИ и магистер за меѓународно право за човекови права на Универзитетот во Оксфорд, Обединетото Кралство, која зборуваше за заштитата на укажувачите под директивата на ЕУ.

„Укажувачите овозможуваат слобода на говорот и слобода на медиумите, тие помагаат во разоткривање на тајниот криминал, без нив борбата против корупцијата би била безполезна. Основната мисија на РАИ е да обезбеди поддршка на земјите членки меѓу кои е и Северна Македонија во борбата против корупцијата. Ние им помагаме на јавните институции да ги подобрат своите законодавни рамки и да го зајакнеме нивниот капацитет за спроведување на законот. Преку кампањи и проекти како минатогодишната герила акција под мотото „Запри го молчењето“, кога го снимавме видеото „Како изгледа да бидеш укажувач?“, рече Ахметај Хреља, која е менаџер на проектот што ја охрабрува работата на укажувачите во Западен Балкан и Молдавија.

Третиот говорник кој се приклучи преку платформата „Зум“ беше истражувачкиот новинар Џерард Рајл, директор на меѓународниот конзорциум на истражувачко новинарство кој во 2016 година го предводеше тимот новинари што ги истражуваа документите од големата афера Панама пејперс.

Рајл рече дека укажувачите во истражувачкото новинарство имаат многу важна улога и дека тие се извор од каде еден новинар може да ги провери своите информации што планира да ги достави во јавноста.

„Многу е важно за новинарот да може да ја потврди веродостојноста на своите податоци кога пишува за корупција, а тоа се прави во соработка со укажувачите. Освен тоа, за да се напише сторија што ќе направи промена и ќе помогне на општеството, според мене важно е да се постават трите клучни прашања: да се следи одредена тема и новинарот да се запраша дали истата ја засега пошироката јавност; дали истата претставува систематски проблем што е потребно да се реши и дали доколку се објави текст на темата, со истиот би можело да се постигне резултат на промена“, рече истражувачкиот новинар Џерард Рајл кој е добитник на повеќе од 50 новинарски награди од 7 различни држави.

На конференцијата „Младите ги слават укажувачите“, свои говорни сесии имаа и укажувачот и разузнавач, Ѓорѓи Лазаревски, Анета Арнаудовска, советник за антикорупција во РАИ секретаријатот и Марк Ворт, експерт за укажување во РАИ секретаријатот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …