Денеска се навршија 18 години од трагичниот 8 август, кога кај месноста Карпалак во заседа беа убиени десеттемина прилепски армиски резервисти: Сашо Китановски, Нане Наумовски, Марко Деспотовски, Љубе Груески, Бранко Секулоски, Дарко Велјаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован
Шабаноски.
Во нивна чест денеска утрово се одржа панихида во црквата „Св. Петка“, на која присуствуваа градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на Совет, Миле Талевски, семејствата на загинатите прилепски бранители како и нивни соборци.
Делегацијата рано наутро ги посети и вечните почивалишта на бранителите во градот и во населените места, а делегации од здруженијата на бранителите ја посетија и месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година се случи трагичниот настан.
Централната манифестација се одржа пред спомен обележјето „Карпалак“ во центарот на Прилеп, каде свежо цвеќе положија делегации на Општина Прилеп, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, кабинетот на Претседателот на Р. Северна Македонија, Стево Пендаровски, Собранието на Република Северна Македонија, здруженијата на борци од Прилеп и Македонија, семејствата на загинатите бранители и политички партии.
„Овој дел од историјата ќе остане во нашата меморија и оваа храброст мора да се памети. Нема поголема болка од тоа да изгубиш најблизок и никој не може да ја донесе таа утеха. Не 18, 180 години да поминат вие и вашите идни поколенија секогаш ќе погледнувате во овој споменик, ќе си поставувате прашања, ќе се сеќавате, ќе паметите и ќе жалите. Денес оваа нивна жртва, покажува колку на сите нас мора да ни бидат важни мирот и стабилноста“, истакна во својот говор министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
„Денес сите ние заедно сме горди сведоци на нивното херојство, храброст и граѓанската одговорност, кога тоа од нас го бара татковината. Во овие заеднички мигови на тага и сеќавање на семејствата, сакам да знаете дека вашата болка е и наша болка. Со денешното чествување да ја споделиме тагата со вас, нивните најблиски, семејствата на загинатите наши храбри сограѓани. Верувам дека денешното чествување ви дава барем малку сила и утеха, правејќи не сите горди на нивното херојство и пожртвуваност“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.