Амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн, на прославата по повод трите децении соработка меѓу двете земји, оцени дека во изминатите 30 години се учело еден од друг, се граделе мостови меѓу земјите и нивните луѓе.
„Многубројните проекти се доказ за оваа соработка. Целта беше и е земјата да се движи напред на својот пат кон целосна евроатлантска интеграција, да има одржлив развој за подобар живот на луѓето во хармонија со природата и животната средина“, нагласи амбасадорката Холштајн.
Проектите, како што посочи амбасадорката, се спроведени од различни германски учесници, вклучително и од амбасадата, во соработка со партнери во Северна Македонија:
„Гете-институтот се залага за културна размена – преку музиката, филмот и уметноста, и се разбира за работа со нашиот тежок германски јазик. Германската служба за академска размена се грижи за размена во областа на образованието и студиските програми. Делегацијата на германското стопанство ги поддржува германските фирми во Северна Македонија и македонските фирми кои се активни или сакаат да бидат активни во Германија и одржува широка мрежа. Нашите политички фондации ‘Конрад Аденауер’ и ‘Фридрих Еберт’ се грижат за политичкото образование и почитување на демократијата“, речеХолштајн, додавајќи дека е тука и Кредитната банка за обнова КфВ, која поддржува финансиски проекти за одржлив развој, пред сѐ во областа на животната средина и енергијата.
Германската амбасадорка го спомена и Друштвото за меѓународна соработка ГИЗ, кое поддржува, планира и финансира разни проекти ориентирани кон иднината. ГИЗ ја спроведува Програмата за супер училишта во регионот кои на учениците од регионот им овозможува да се сретнат, да ги разбијат предрасудите и да создаваат пријателства и соживот во регионот, рече Холштајн.
Извор: DW