ОДБЕРЕТЕ ГИ НАЈДОБРИТЕ, НЕ НАЈМАЛКУ ЛОШИТЕ КАНДИДАТИ

ОДБЕРЕТЕ ГИ НАЈДОБРИТЕ, НЕ НАЈМАЛКУ ЛОШИТЕ КАНДИДАТИ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

Нашиот човек, генерално, секогаш го гледа само она што сака да го види. Можете вие колку сакате да го убедувате дека постои и друг агол на гледање на работите, дека неговиот светоглед не е и единствениот… Џабе. Кога нечиј домет на перципирање на нештата не досига подалеку од комшискиот двор, секој натамошен обид за дијалог е бесмислен.

Освен тоа, при едностраното и пристрасно поимање на за нас важните случки и настани, надалеку сме познати по нашите бурни реакции кои во зависност од тоа дали ни се допаѓаат или не, се движат во распон од воодушевување до очај. Не биле ние типични балканци кога не би било така.

Воведот имаше за цел да послужи како “поддршка“ само на една реченица: „ДПМНЕ ќе биде збришан на локалните избори“!

Тоа е лајтмотивот на еуфоријата која приврзаниците на СДСМ на големо ја шират преку социјалните мрежи. Ама не само таму и не само тие. Истото тоа засилено со уште неколку митингашки пароли го велат и повеќемина локални политичари чии зборови “тежат“ многу повеќе од фејсбук статусите на обичните простосмртници. Сериозен политичар никогаш не би кажал такво нешто. Разбирливо е дека ширењето оптимизам има за цел да го мотивира партиското членство во пресрет на изборите, да му влее надеж дека победата е на дофат и дека е тоа единствената прифатлива опција за која размислуваат челниците. Арно ама, медалот има и друга страна…

Креирањето лажна слика дека работата е готова, дека изборите се завршени и пред да почнат, дека денот на гласањето е чиста формалност и служи само за верифицирање на изборната победа, е најдобрата услуга која може да му се направи на политичкиот противник. Паметните учат од туѓите грешки, а социјалдемократите треба да извлечат поука од сопствените, меѓу другото и од онаа која ја направија во далечната 1998 година. Изјавата на тогашниот лидер Црвенковски дека опозицијата ќе ја прегазат како шлепер жаба така им се удри од глава, што СДСМ доживеа изборен дебакл.

Денес, на помалку од два месеца до изборите, ситуацијата не е иста како погоре споменатата, од причина што изјавите на актуелниот лидер Заев ни приближно не се такви. Оптимистички, да, но не и еуфорични до степен да делуваат дури и демотивирачки на партиските активисти за време на предизборната кампања.

Меѓутоа примерот на Заев не го следат сите негови партиски другари. Напротив, како што се оди надолу во партиската хиерархија оптимизмот добива на интензитет, за да во одредени ешалони прерасне во класичен навивачки амбиент. Она што особено загрижува е што сето тоа, случајно или намерно, е иницирано и подгревано и од локални партиски функционери. Тезите кои се пласираат одат во корист единствено на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа со двоен ефект: ем нивното членство се мобилизира и дополнително мотивира, ем противничките “играчи“ на терен нема да го дадат потребниот максимум сметајќи дека натпреварот го добиле уште во “соблекувалната“. Што, се разбира, неизбежно ќе има влијание врз крајниот резултат.

Факт е дека ВМРО-ДПМНЕ не е онаа иста партија каква ја знаевме годините наназад. “Бомбите“ на Заев ја разнишаа цврстата партиска структура до таа мера што, со мали исклучоци, дојде до смена на комплетното партиско раководство кое повеќе од една деценија жареше и палеше на македонската политичка сцена. Исто така, иако наизглед минорен, ефектот од работата на СЈО ги поткопа темелите на партиската барокна зграда, за да скандалозните 27.априлски настани и формирањето на новата Влада го заокружат списокот на трите главни причинители за детронизацијата на Грујо и фамилијата.

Меѓутоа она што мора да се сфати и да се повторува 3 пати на ден е дека ништо не е готово додека навистина не биде готово! Особено што 15 октомври за Груевци е денот “Д“, последната шанса да останат на главната сцена и, ако ништо повеќе, да го пролонгираат одењето во Идризово. Ранетиот лав е најопасен, бидејќи секоја следна борба може да му биде последна. Тоа на Грујо му е совршено јасно. За да стигне до изборната победа ќе ги употреби сите дозволени и легални средства, уште повеќе забранетите и нелегалните. Нема дилема дека во оптек ќе бидат дел од украдените пари со кои ќе се обиде да ја купи довербата на гласачите, со тоа што на другите негови препознатливи методи: притисоци, заплашувања, закани, списоци со сигурни гласачи…ДПМНЕ не престанала да работи од далечната 2006 година.

Ете затоа сега и веднаш треба да се напушти губитничката теза дека СДСМ ќе се прошета на локалните избори. На изборите партијата мора да излезе со имиња кои имаат широка поддршка во и надвор од партиската структура, кандидати за градоначалници кои се кадарни да ја донесат победата, а на кои ќе им ги обезбеди сите неопходни ресурси и логистика за остварување на зацртаната цел. На граѓаните треба да се понудат најдобрите, а не најмалку лошите кандидати.

Точно е оти за вкусовите не треба да се расправа, ама во политиката вреднувањето на работите преку алатката “вкус“ не смее да постои. Тоа е луксуз кој ниеден сериозен политичар не смее да си го допушти. Во денешно време, квалитетот и популарноста на кандидатите се мерливи категории. Секое водење кадровска политика која ги исклучува клучните показатели добиени преку сериозна и стручна анализа, е однапред осудена на неуспех. Овој пат такво нешто не смее да се случи!

Автор:
Чеге Вара                               Прилеп, ебаго!…….(158)

 

Прочитајте повеќе

БРЗАЈ ПОЛЕКА

БРЗАЈ ПОЛЕКА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …