Еден месец по церемонијалното потпишување на Повелбата на Одборот за мир во Давос, Швајцарија, Доналд Трамп ги покани сите членки во Вашингтон на инаугуративна средба.
Во фокусот на агендата за денеска (19 февруари) се очекува да се најде иднината на Појасот Газа по кревкиот актуелен прекин на огнот во војната меѓу Хамас и Израел. Клучна тема е собирањето средства за реконструкција на Газа и обезбедување хуманитарна помош. На неговата платформа Соушл Трут, Трамп објави дека 5 милијарди долари (4,2 милијарди евра) веќе се ветени од членките на Одборот за мир.
Европските земји претежно отсутни од Одборот за мир
Од најмалку 60 поканети, 27 земји до сега ја прифатиле поканата. Бугарија, Унгарија, Албанија и Косово се единствените европски земји што се приклучија. Изминатиот месец Италија, Кипар, Грција и Романија, како и ЕУ одлучија да се приклучат како набљудувачи, што значи дека нема да учествуваат во носењето одлуки. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, беше поканета, но наместо тоа ќе ја испрати Дубравка Суица, еврокомесарот за Медитеранот. Според портпаролот, ЕУ има „серија прашања“ околу делови од Повелбата. Многу земји ја отфрлија поканата од слични причини.

Дали Одборот за мир ќе се натпреварува со ООН?
Франција на пример изрази загриженост дека Одборот би можел да го прегази авторитетот на Обединетите нации. Одборот за мир беше одобрен во ноември 2025 година од Советот за безбедност на ООН со единствен мандат да се ангажира за мирот во Газа. Советот за безбедност постапи така бидејќи САД најефикасно би можеле да ја решат војната благодарение на блиските врски со Израел, тврди Макс Роденбек, шеф на проектот за Израел и Палестина во Кризната група, непрофитен тинк-тенк фокусиран на превенција на конфликти. „Мислам дека многу членови на ОН беа толку ужаснати од војната во Газа и сакаа да заврши речиси на било каков начин“, вели тој за ДВ. Но, во изминатите месеци визијата на Трамп за Одборот се чини е променета. Иако не вели дека сака да ги прерипа ООН, Трамп вели дека целта на Одборот е да создаде „светски мир“. Според Повелбата на ОН, Советот за безбедност на ОН има „примарна одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност“.
Влијанието на Одборот за мир пошироко од Газа
Повелбата на Одборот за мир на Трамп се чини дека цели на слично широк опсег. Воопшто не се споменува Газа, туку се нагласува глобалната амбиција за решавање на конфликти. Џејсон Ајсаксон, задолжен за политика и политички прашања во Американскиот еврејски комитет, организација за застапување на еврејскиот народ ширум светот, за ДВ вели дека ги поддржува амбициите на Одборот надвор од Газа, под услов тие навистина да доведат до намалување на конфликтите. „Можеби би постигнал поголем успех отколку што сме доживеале со други модели на кои сме се потпирале за разрешување на конфликти и некогаш бевме разочарани со години“, вели тој. ООН е основана по Втората светска војна и имаше барања за реформирање на Советот за безбедност. Критичарите аргументираат дека со неговата сегашна структура, со САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија како постојани членки, тој веќе не ја одразува сегашната глобална распределба на моќ и го ограничува фер претставувањето на земјите-членки. Сепак, не се чини како можна опција во овој момент замена на тоа тело.

Роденбек се сомнева дека Трамп и Одборот би адресирал конфликти во кои немаат личен интерес, како на пример во Украина. Во моментов секоја членка има свој интерес за учество во Одборот за мир, што би можело да се смени со секој конфликт, објаснува тој.
Недемократска структура на Одборот за мир
Меѓу поканетите држави владее загриженост и во врска со структурата на Одборот. Во моментов, американскиот претседател е во својство на единствениот претседавач и ги претставува Си АД. Под него е Одборот, составен од земјите-членки, кој одлучува за буџетот и преговара заеднички одлуки. Потоа има Извршен одбор составен од седум индивидуи кои ги избира Трамп, вклучувајќи го државниот секретар на САД, Марко Рубио, претседателот на Светската банка, Аџај Банга, Џаред Кушнер и Стив Виткоф. Улогата на Извршниот одбор е да ги имплементира одлуките на Бордот. Извршниот одбор за Газа ја води работата поврзана со Газа и го надгледува Националниот комитет за администрација на Газа кој треба да биде одговорен за управување со територијата.
Како претседавач според повелбата Трамп има ексклузивно право да покани и други да се приклучат на Одборот, да стави вето на одлуките и да „креира, модификува или распушта субјекти“. До смена на Трамп може да дојде само преку доброволна оставка или „како резултат на неспособност“. Тоа според Роденбек е проблем. „Според актуелниот вординг, Трамп би можел да се пензионира од функцијата претседател на САД и натаму да биде на чело на Одборот за мир и да го назначува својот наследник“, наведува тој. Иако тоа може да функционира во однос на конфликтот во Газа, Роденбек смета дека структура доминирана од САД „не е облик на меѓународна организација што има демократски легитимитет“.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место