Пишува: Сотир Габелоски
Со промената на власта, градоначалникот на Крушево Томе Христоски и новите раководители во образованието, културата, шумарството…, беа свесни со што ќе се соочат. Очекуваа хаос за кој чаре тие ќе мора да бараат, иако пакостите и глупостите ги правеле некои други. Но, изненадувањата после неколкумесечното раководење со локалните институции, не изостануваат ниту еден ден.
Основното училиште „Никола Карев“ се соочува со долг од 70.000 евра, а сметката на училиштето е блокирана. Во општина Крушево секој втор ден излегуваат нови долгови, нови побарувачи и дополнителен товар и несигурност за локалната самоуправа, градоначалникот и вработените.
Хаосот што претходниците го оставија се чита во очите на новите раководители, кои ја имаат одговорноста и обврската општината во целост да стане функционална, во интерес на потребите на граѓаните. На сите нам ни е јасно дека наша обврска е да ја оправиме пакоста на еден претходен режим, кој единствено мислел на својот џеб и на својата удобност, наместо да ги третира граѓаните како рамноправни жители на општина Крушево.
Во целата оваа ситуација, како “олеснителна околност“ му иди постапувањето против сторителите на криминалот и злоупотребите на оние што до скоро раководеле со министерствата, агенциите, општините и другите државни институции. Правдата е бавна, но полека ги стигнува оние што се огрешиле, а одговорноста за сторените злоупотреби оди паралелно со успехот на еден градоначалник и целата локална раководна гарнитура.
Сепак, тоа е само едната, но не помалку важна страна од приказната за воздигнувањето на Крушево. И покрај хаосот, и покрај проблемите кои на момент изгледаат нерешливи, кај градоначалникот Христоски и раководителите на институциите постои желба и одлучност за нормализирање на состојбата и враќање на градот и општината до едно нормално ниво, кое Крушево ќе го направи достоинствено место за живеење.