Одложено првото рочиште за сопственикот на Доказ, судењето затворено за јавноста

Обвинителката Зорица Павловиќ побара рочиштето да биде затворено за јавноста бидејќи се работи за кривични дела против моралот и за да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.

Првото рочиште против сопственикот на порталот Доказ, Марјан Стаменковски денеска беше одложено откако неговите адвокати побараа да се изземе скопското обвинителство од постапување по предметот.

Адвокатите побараа изземање на сите обвинители од скопското обвинителство, бидејќи тие можеле да се јават како оштетени во постапката. Одбраната на Стаменковски бара по случајот да постапува обвинителство од внатрешноста. За ова, одлука треба да донесе Вишото јавно обвинителство, па од тие причини рочиштето се одложи за во петок.

Обвинителката Зорица Павловиќ побара рочиштето да биде затворено за јавноста, бидејќи се работи за кривични дела против моралот и за да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.

Во Основниот кривичен суд во Скопје на Марјан Стаменковски му се суди за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

По наредба на ОЈО Скопје, на 9 февруари годинава полициски службеници извршија претрес во домот на Стаменковски во скопската населба Влае. Беа одземени документи, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, а беа најдени и пари во кеш од 90.000 евра.

На Стаменковски му беше одреден притвор, а обвинителството брзо по неговото притворање, поднесе обвинение.

Двете дела ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, според Обвинителството, тој ги сторил со објавување текстови за двајца свештеници во Македонската православна црква-Охридска aрхиепископија и за две новинарки од „Фокус“, Ирена Мулачка и Валентина Вурмо, кои денеска беа во судницата.

Свештениците го пријавиле бидејќи преку текстови ширел омраза и нетрпеливост кон нив. Стаменковски, според обвинителството, објавувал дека свештениците биле поврзани со домашни и странски тајни служби, а се упатувале и заканувачки зборови со кои се поттикнува народ да дојде и да ги избрка од манастирот во кој тие служеле.

Според ОЈО Скопје, обвинетиот промовирал омраза и се обидел да ги заплаши двете новинарки од „Фокус“ да не објавуваат текстови во медиумот каде што работат.

За кривичното дело уцена, пак, според тврдењата на ОЈО Скопје, Стаменковски на почетокот на годинава со намера да прибави имотна корист му се заканувал на еден оштетен дека ќе му наштети на неговиот углед и чест. Го контактирал преку социјалните мрежи и го повикал на средба за да го уценува дека ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му даде пари. Откако оштетениот одбил да се сретне, како што наведе Обвинителството, на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за него.

За пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба, обвинителството го гони Стаменковски врз основа на пријава од една телевизија која имала ексклузивни авторски права да емитува одредена содржина, но Стаменковски ги објавувал видеоматеријалите на порталот и овозможил неограничено јавно прикажување.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …