Зоран Милошески

Во Основниот суд во Прилеп пропадна уште еден обид да се одржи рочиште по второто барање за поведување прекршочна постапка од страна на МВР против активистот на „Шарената револуција“, адвокатот Жарко Стеваноски. Идентично како и првиот пат, причина за одлагањето беше недоаѓањето на предложените сведоци.

„Со тоа што не се појавија службените лица предложени од моја страна за сведоци, сметам дека станува збор за тенденциозност заради претстојните избори. Ова го велам од причина што ако било која од четирите постапки заврши со ослободителна пресуда, ќе биде уште еден доказ дека врз учесниците, односно предводниците на „Шарената револуција“, е вршен силен и непотребен притисок“, вели Стеваноски.

Како што е познато, СВР Битола, Полициска станица (ПС) од општа надлежност Прилеп, поднесе барање за поведување на 4 прекршочни постапки. Секоја од нив е поднесена поединечно иако во конкретниот случај, доколку воопшто го има, се работи за „продолжен прекршок“ односно за наводно сторен прекршок по чл.191 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Стеваноски е обвинет дека со тоа што на коловозот со боја го испишал текстот „Че си лежите“, го загрозил сообраќајот на патот.

Уште со поднесување на барањата за поведување прекршочна постапка, од страна на Стеваноски беше предложено како доказ да се изведе распит на службените лица од ПС во Прилеп, односно на раководителите на секторот за сообраќај. Нивното сведочење треба да доведе до утврдување на фактичката состојба во прилог на одбраната и да покаже на кој начин биле обезбедувани протестите на „Шарената револуција“ во Прилеп. Или поконкретно, одговорните лица од ПС треба да потврдат дека сообраќајниците по кои се движела колоната со протестантите биле блокирани од страна на МВР и врз основа на тоа да се потврди фактот дека во конкретниот случај не е сторен прекршокот кој на Стеваноски му се става на товар.

Ова се втори судења на кои овластените службени лица од МВР предложени за сведоци не доаѓаат на расправите да сведочат.

Покрај досегашните сведоци, адвокатот Стеваноски вели дека со писмен поднесок ќе предложи и други сведоци, учесници на „Шарената револуција“, со цел да посведочат за начинот на кој биле обезбедувани улиците по кои се движеле протестантите. На тој начин судот ќе има доволна основа да утврди дали Стеваноски го сторил прекршокот кој му се става на товар.