Советот на општина Прилеп, денеска ја одржа редовната 49-та седница која поради состојбата со пандемијата на коронавирус, беше реализирана онлајн.

Советниците го усвоија заклучокот за примена на Уредбата со законска сила на законот за локална самоуправа за време на вонредна состојба и Уредбата со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила на законот за локална самоуправа за време на вонредна состојба.

Членовите на општинскиот Совет дадоа „зелено светло“ за кварталниот извештај за извршување на буџетот на Општина Прилеп, за третиот квартал од тековната 2020 година, како и на Планот за развојни програми за 2021 година.

Зборувајќи за развојните програми за 2021 година, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека следната година ќе започне реализацијата на три капитални инвестиции: детската градинка и покриениот базен во населбата „Точила“, како и реконструкцијата на Старата чаршија.

„Во договор со сопствениците и закупците на дуќани, реконструкцијата на Старата чаршија, во зависност од временските услови, ќе започне кон крајот на февруари или почетокот на март. Реконструкцијата ќе чини 50 милиони денари, од кои 30 милиони ќе бидат исплатени во 2021 година, а преостанатите 20 милиони во 2022 година. Изградбата на детската градинка ќе започне во месец март, а ќе заврши до крајот на 2021 година. Станува збор за тригодишна програма, чија цена на чинење изнесува 133,5 милиони денари, кои ќе бидат исплатени во еднакви суми од по 44,5 милиони денари во следните три години. Слична е ситуацијата и со покриениот базен, проект вреден 140,1 милион денари, средства кои ќе се плаќаат во 2021, 2022 и 2023 година, во три еднакви рати од по 46,7 милиони денари“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

На денешната 49-та седница, членовите на Советот на општина Прилеп дадоа согласност за тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈКП „Водовод и канализација“ и ЈКП „Комуналец“, за периодот од 01.07.2020 до 30.09.2020 година. Исто така, советниците го усвоија и финансискиот план на ЈКП „Комуналец“ за 2021 година.