Официјализирање на ортаклукот

Официјализирање на ортаклукот

Пишува: Проф. д-р Катерина Тодороска

Македонската приказна низ историјата секогаш била испреплетена со ортачење и ортаклуци кои, не секогаш биле во полза на народот. Така и современиве случувања внесуваат сомнеж дека во иста насока водат и современи ортачења.

За да го составиме мозаикот и да ги разбереме сите негови делови, секако, почнуваме од почетокот.

Студентската, а по неа и Шарената револуција, според моето скромно мислење, беа најважните современи настани кои и’ се случија на Македонија на патот кон самоодржувањето. Тоа беа настани во кои се излеа незадоволството на граѓаните од единаесетгодишната тортура на општеството. Да, времето кое македонските граѓани го преживеаја во заробената држава под власта на заробувачите од ДПМНЕ и ДУИ, имаше реална основа да ескалира во самоорганизирано и масовно негодување. Коренити промени мораа да се случат и секој од нас, кои катадневно бевме во 6 пред СЈО, безусловно се вложија во битката за девизата НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР. Следеа избори на кои народот му кажа збогум на ДПМНЕ и ДУИ. Но, не било така.

И после формирањето на новата македонска Влада многу нешта не личеа на промени, а уште помалку на коренити. Така, челниците на ДУИ останаа и во новата Влада на Македонија, а со тоа си обезбедија и „недопирливост“ од оние кои требаше да ја сроведат девизата НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР.

Напротив, се’ повеќе сведочевме на она што го слушаме на рекламите И ТОА НЕ Е СЕ’. Почнаа да не’ бомбардираат со изјави дека функционерите на ДПМНЕ не било можно да се сменат, оти така налагал законот и треба да се чека ним да им помине мандатот за кој биле избрани. Така на врвните места во МРТ остана кадарот на ДПМНЕ, со целосна слобода и натаму да го труе народот со небулози и конструирани информации. И денес истата уредувачка политика е актуелна на македонската национална телевизија, која денес не е македонска. Тоа било за повисоки национални цели.

Секако, и челникот на Комисијата за заштита од дискриминација остана ист, оти неговата работа била да им издава потврди на челниците на ДПМНЕ дека македонската држава ги дискриминира. Така, челникот  на ДПМНЕ со писуле од Даштевски, како дискриминиран од државава си замина во Будимпешта. Тоа е истиот оној кој со години нѐ понижуваше и малтретираше со поставување на полуписмени кадри во сите министерства и државни институции. Се сеќавате, нели? Веројатно и тоа било за повисоки национални цели.

Имаше и едни министри кои, ние “шарените“, ги викавме министри за смрт и кои требаше бел ден да не видат поради „превидите“ во работата во времето кога беа наприкосновени во владеењето, ама и ним влакно од глава не им фали. Нејасно е дали во име на повисоките национални цели испоумреа бебиња, Тамара и многу како нив.

Следуваа апсења, притвори, смешни „одлуки“ на судовите во стилот пу, пу, притворот не е притвор, за состојбата да кулминира со амнестија на криминалци кои ни се појавија во форма на  „гласачи“ на измените на Уставот. Но, не недостасуваа и наградите за истите криминалци во форма на тендери за фирми од типот на тате, бате и јас. И тоа во име на повисоки национални цели.

Кнедлата која народот требаше да ја голтне беше и НЕодземањето на имунитетот на еден од организаторите на најголемиот антидржавен акт во Македонија во поновата историја. Така, Трајко Велјановски согласно „убедувањета“ на неговите другарчиња од ДУИ, остана недопирлив за правдата. Дали и тоа беше во име на повисоките национални цели, допрва ќе видиме.

Во име на истите повисоки државни цели беше сменет Уставот на државава, а повисоките цели не биле повисоки туку највисоки, оти ветувањето дека НАТО и ЕУ не’ чекаат со отворени врати веднаш после промената на Уставот, излезе дека имале уште некоја пречка за прескокнување и уште многу маратони за трчање.

И така, лека полека народот се залажуваше со дневни кострукции кои требаше да го одвлече од вистината за ортаклукот кој му се случува пред очи. СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ секојдневно здружно работеа и работат на оддржавување на државните интереси и полнење на касите од нивните фирми. А приказната за реформите во судството, образованието, здравството и сѐ друго беа оставени за „после изборите“. Иако, никој не разбра после кои избори ќе заигра една многупати најавувана метла.

И дојдовме до нови избори. Овој пат за Претседател на една новоименувана држава. Искрено се радувам што нашиов народ нема да мора да ги трпи понижувањета на намигнувачот, кој безочно го урниса чувството за достоинство на граѓаните на Македонија. И тој факт, според мене, е навистина нешто што би било во име на највисоките национални интереси. Но… Како и секогаш во македонската историја, се појавува едно големо НО.

За кандидати на претседателските избори се појавуваат тројца кандидати. Иако двајца од нив отворено беа поддржани од најголемите политички партии во државава, тие сепак „решија“ да бидат „независни“ и да собираат 10. 000 потписи за кандидатура. Објаснувањето, кое многумина го голтнаа како локумче, беше дека „сакале да ја потврдат својата кандидатура со потписите на народот“. А кој за кого се потпишуваше, јасно ни е на сите. Во пишувањево би го иззела кандидатот Блерим Река, бидејќи зад него навистина стојат 10.000 граѓани и партија која немаше шанси за потписи на 30 пратеници за кандидатура. Сепак, сите тројца кандидати јавно ги користат капацитетите и приврзаниците на партиите кои стојат зад нив. Автобусите, како и порано, ги полнат членовите на СДСМ, ДУИ, ДПМНЕ и нивните коалициони партнери. За двајца од кандидатите, јавните „испади“ за „трампа“ на гласови за Претседател во компензација за гувернер на Народна банка, и многу други небулози јасно го покажува ортаклукот на штета на граѓаните на Македонија.

И ако е сѐ појасно понижувањето на гласачите, беше нејасно, чуму беше театарот со собирањето на потписите за „независните“? Но, како што одговорот за секој „испад“ се добива по некое време, така и за овој исплива на површина дека „независните“ ќе добијат милиони народни пари за нивната кампања. Значи, не е доволно што народот им ги плаќа шеталинките на членовите на партиите, па си донеле одредба да си ги наградат кандидатите за Претседател со дополнителни народни пари. Народот кој нема основни средства за живот, може да биде исклучително задоволен што ќе си ги финансира кандидатите за Претседател, па макар и да останат на ниво на кандидати.  Кој, кога и како ја донел таа одлука дополнително ќе „исплива“. Та, нели и тоа може да се сведе под повисоки државни интереси?

И како поминуваат дните на кампањата, од висок функционер на една од партиите чувме дека и ако нема доволна излезност на претседателските избори, ќе се изнајде начин заедно со народот, кандидатот на владеачката партија да победи. Ваквата реторика ми ги разбуди спомените на едно време кога ДПМНЕ ја кандидираа Јагнула Куновска за градоначалник на Карпош, а потоа гласаа за Стево, кому никој ништо не му може. Тогаш, Куновска беше жртвено јагне за остварување на еден ортаклук кој се покажа многу вносен. Па, прашањето кое си го поставувам е дали еден од кандидатите е жртвено јагне кое ќе се задоволи со „кандидатските“ народни пари? Ова, заедно со одобрувањето на барањата за амнестија на многуте долгогодишни  криминалци од  ДПМНЕ, изгледа и реално. Нели, за повисоки државни интереси.

И така, мозаикот кој мислевме дека нема шанси да го составиме, полека почна да го добива својот вистински лик во моментот кога чувме изјава дека во Македонија во иднина треба да се „организира Влада по швајцарски пример“. Според изјавата тоа би било вака: на претстојните претседателски избори, едната од партиите треба да доживее дебакл, да ги смени контролираните од Будимпешта и да се освежи  со „свежа“ крв. Тоа би бил позитивен момент за четирите најголеми партии, читај ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и некоја друга, да формираат заедничка Влада до приемот на Македонија во ЕУ.

Можеби грешам, ама јас ова вака го разбрав. Безумието да се замени со едноумие, со што секоја партија ќе добива онолку министерски, директорски и други места зависно од бројот на гласачите. И секој секому пред народот ќе му објаснува кој колку е длабоко навлезен во криминал, кој колку е вовлечен во непотизам, судовите ќе не’ занимаваат со пу, пу притвори. И така, среќно ќе си владеат до моментот кога Македонија ќе влезе во ЕУ, до моментот кога ќе мора да се спроведе ред и поредок во државата, а криминалот и корупцијата нема да имаат држава. Потоа, кој сака може да дојде да раководи со уништената и загушена држава, за да ги врати кредитите и каматите на кредитите со кои овие ортачки владеачи ќе го задолжат граѓанинот во државава.

Откако здружено ќе си напишат по едно писуле дека ги дискриминирала македонската држава, може да се распрскаат по светот зависно од тоа кој каде си ги „сместил“ народните пари на граѓаните од Македонија. Тоа би била кулминацијата на државниот интерес и официјализирање на реално присутниот ортаклук.

Сума, сумарум.

  1. Нема да има правда, нема да има мир додека државата не се одзароби од СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ со сателитите.
  2. „Јагнула 2“ може да се подготвува за шок кој не го очекува.
  3. Едноумието, како општествено уредување од минатото со примеси на осовремено квазидемократизирање, е реалност.

Јас, во официјализирање на ортаклукот не сакам да учествувам, а како ДЕМОКРАТ, вам ви оставам да си го изберете својот потег.

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …