ОЈО: Краток спој во кабел од дефибрилатор причина за пожарот во тетовската модуларна болница

ОЈО: Краток спој во кабел од дефибрилатор причина за пожарот во тетовската модуларна болница

Пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица настанал од краток спој во кабел од дефибрилатор, соопшти Основното јавно обвинителство цитирајќи го извештајот на МВР од направениот увид и вештачење. Пожарот по краткиот спој се проширил на приклучокот од продолжниот кабел на кој, освен дефибрилаторот, биле поврзани и мобилен телефон и уште еден апарат, за кој не се даваат детали во соопштението на Обвинителството.

„Имено, со вештачењето е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби“, велат од ОЈ.

„Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“, додаваат оттаму.

Понатаму се вели дека иако медицинските лица кога го забележале пламенот, се обиделе да го изгаснат, „дошло до бурно ширење на пожарот по целиот објект, по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар“.

Обвинителите заклучуваат дека бидејќи сите пациенти кои биле хоспитализирани во тој момент биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, процентот на кислород во просторот бил зголемен.

„Поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период“, велат од ОЈО.

За побрзо ширење на пожарот придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради меѓу деловите (просториите и ходникот) кои би го успориле ширењето на огнот.

Како што велат од обвинителството, истрагата се уште е во тек, ова вештачење е само еден од до сега обезбедените докази, се очекува извештајот од германските експерти, а и други извештаи за кои се издадени наредби.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …