Едномесечната истрага на Основното јавно обвинителство Скопје за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 15 лица утврдила дека возењето со брзина над дозволената, како и техничката неисправност на автобусот на „Дурмо Турс“ се главните причини за сообраќајката.
Обвинителот Сашо Рајчев на денешната прес-конференција соопшти дека автобусот се движел со недозволена брзина од 99 километри на час на автопат на кој се дозволени максимални 80 километри на час.
-Поради неприлагодената брзина на патот, возачот изгубил контрола над автобусот, по што преминал во другите ленти и на крајот излетал од патот. Поради техничките проблеми на сопирачките, пак не можел да го запре возилото. Според вештите наоди и мислења, евидентирани се кочења откако автобусот ја преминал заштитната ограда во двете насоки. Но брзината не му овозможила да го сопре автобусот пред да падне – рече Рајчев.
За сообраќајката осомничени се седум лица од кои шест Основното јавно обвинителство ги гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а едно лице е осомничено за несовесно работење во службата
Од обвинителството соопштија дека лицата се во полициска станица, по што ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 и за нив обвинителството ќе бара мерка притвор.
-Истрагата е поведена кон шест лица, плус едно седмо лице. И тоа кон сопственикот на правното лице кое е сопственик на автобусот, потоа раководителот на тоа правно лице. Тие не организирале автобуски превоз согласно законските прописи, и го препуштил возниот парк на раководителот, кој, пак, немал таков сертификат. Трето, четврто и петто осомничени се вработени во правно лице кое вршело технички преглед на автобусот. Тие даваат дозвола дека автобусот е исправен, и покрај тоа што во двата технички прегледи во изминатата година покажал неисправност. Шестиот осомничен е возачот, кој не ја почитувал брзината, и возел со 99 километри на час. Сите овие се лишени од слобода – додаде Рајчев.
Извор: МЕТА