Октомври – месецот наречен „надеж“

Октомври – месецот наречен „надеж“

Пишува: Зоран Милошески

Уште само стотина дена, ќе дојде и октомври. Ќе го добиеме и тој фамозен датум за почеток на преговори за влез во ЕУ. Во пакет со Албанија или соло, неважно. И тоа нема да се случи затоа што јас така велам или сакам, туку затоа што така мора да биде. Затоа што е тоа процес во кој Европа инвестираше и време и средства, процес кој неизбежно ќе заврши со наш дефинитивен исчекор кон големото семејство на европските народи.

Се разбира, составен дел од мозаикот е сето она што во изминатите две години во таа насока го направија Заев и неколкуте негови посветени, доследни и непоколебливи соработници. Без нив, колку и да некој помисли дека го глорифицирам „ликот и делото“ на актуелниот премиер, нашата држава денес ќе беше, исто како и до скоро, на „безбедна дистанца“ од “курвата вавилонска“ и “НАТО злосторниците“. Декларативно и за дневна употреба, името (читај: ФИРОМ) немаше да го даваме, омразата против „клетите Грци и Шиптари“ свесно и наменски ќе се подгреваше, а за возврат банкарските сметки на злосторничкото здружување катадневно и континуирано ќе дебелееја.

Бидејќи немам ни најмала дилема дека наесен датумот за преговори ќе биде ставен на маса, се поставува прашањето колку тоа ќе ја направи нашата држава подобро место за живеење, колку ќе го зголеми нејзиниот демократски капацитет и колку, сите ние како нејзини граѓани, ќе станеме подобри и посреќни луѓе?

За аномалиите на владејачкото мнозинство, многу е кажано и напишано во периодот од првиот ден на смената на власта па до денес. Така и треба, бидејќи јавната критика е еден од најважните корективи за успешното функционирање на владиното мнозинство. Лошата кадровска политика, како на „Илинденска“ така и на „Бихаќка“, беше клучниот фактор заради кој работите дојдоа до ова дереџе. Како премиер и претседател на СДСМ, Заев испушти неколку можности да ги дисциплинира и казни збеснатите партиски другари, грешка која денес му се враќа како бумеранг.

И додека ова го читате, тој пред себе ги има списоците за разрешување и именување на министри, директори на јавни претпријатија и претседатели на најголемите општински организации. Она што е повеќе од сигурно, е дека Заев повеќе нема право на грешка. Одлуките кои ќе ги донесе сега, ќе ја одредат и неговата, и владината, но и иднината на партијата која ја води. Новата “утка“ во изборот на кадри, многу веројатно ќе биде и последната која ја направил како државен и партиски лидер. Што ќе значи тоа и во кој правец ќе тргне развојот на настаните во државата, претпоставувам, и не треба да нагласувам…

Самата помисла од можното скорешно враќање на власт на ваквото ВМРО-ДПМНЕ, претставува катастрофа во најава. Се разбира дека нема ништо страшно во паѓањето на една Влада и нејзината замена со нова. Напротив. Меѓутоа, три години после Грујо, партијата со полни гради дише во ритамот на груевизмот. Тука се истите имиња кои соработуваа и беа директно инволвирани во пустењето на државата од страна унгарскиот бегалец, неговиот братучед и останатата багра. Не само што Мицкоски и друштвото не се дистанцираа од идеологот на најголемите зла кои во последната деценија им се случија на граѓаните на нашата држава, туку со ушите начулени накај Будимпешта, тие ги спроведуваат инструкциите на нивниот ментор. Иста реторика, ист популизам, иста матрица. Сѐ е исто, само него го нема.

Опозицијата е мошне важен сегмент во функционирањето на секоја држава, па затоа воопшто не е неважно во каква кондиција таа се наоѓа. Но, на нашата држава како да ѝ е судено таа да биде бледа и нејака. Свежи ни се сеќавањата на времињата кога сегашната власт беше очајна опозиција и кога таквиот нејзин статус траеше цела деценија. А веројатно ќе потраеше барем уште толку, ако не беа “бомбите“ и обелоденувањето на вистината за Македонија.

Ниту денес ситуацијата не е многу поразлична од времето кога двете најголеми партии седеа на спротивните страни во собраниската сала. Но не само таму, туку како се оди надолу по хиерархиската скала на политичката моќ, така безидејноста на оние кои претендираат еден ден да бидат власт, станува сѐ поочигледна. Функцијата на опозицијата, како во општинските Совети, така и во партиските ограноци е сведена на чисто “воајерство“ на работата на локалната власт: подбивање со нивните грешки, правење невкусни шеги на сметка на градоначалниците, произведување лажни вести и продавање евтин популизам.

Сѐ на сѐ, чиста импровизација, отсуство на квалитет, свежа крв и визија за „големата слика“.

Заради сето тоа, во интерес на сите е времето до октомври што поскоро да пројде. А очите на целата домашна јавност се вперени во Заев, кој со најавеното именување на нови државни и партиски функционери, ќе ни ја врати надежта дека светлината на крајот на тунелот, сепак, не е светлото од забревтаниот воз.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …