Оливер Деркоски и уште тројца од ДИК добија обвинение за набавка на софтверот кој беше цел на хакерски напад

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) поднесе Обвинителен акт против поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, како и против тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор.

Се товарат за незаконски набавки на софтверот на ДИК, кој потоа беше цел на хакерски напад и беше блокиран, со што се одложи објавувањето на бројките за излезност и првичните изборни резултати; но и за втора незаконска набавка – на надворешни телевизори. Со постапките е нанесена штета на државниот буџет од 1 312 409 денари (нешто над 21.300 евра), порачува ОЈО-ГОКК.

Истрагата за овие набавки почна во ноември минатата година.

Според обвинението, И.Ќ., А.А. и А.Ш. вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови. Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач.

Откако постапката била поништена, првообвинетиот, односно Дерковски, спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за Набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ДУНА ДОО со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка. Иако бил должен пред да го потпише Договорот и пред да го имплементира софтверот да обезбеди негово тестирање заради утврдување дали истиот ги исполнува бараните услови, тој не го сторил тоа и дозволил истиот да се пушти во употреба без спроведено тестирањето и без направен квалитативен и квантитативен прием на услугата од Договорот, се вели во обвинителниот акт.

Да потсетиме, на денот на последните парламентарни избори, односно 15 јули 2020 година, веб -страницата на (ДИК) падна во времето кога требаше да се објават конечната излезност на парламентарните избори и првичните резултати. Подоцна беше утврдено дека станувало збор за ДДоС хакерски напад.

Во втората јавна набавка за која е изготвено обвинение, за Набавка на телевизори што ќе овозможат приказ на резултати од избори во надворешни услови, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка било во консултации со учесник во постапката обвинетиот И.В. Покани биле испратени до 5 економски оператори на контакт адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор ТАРДИС ДООЕЛ Скопје. Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда. Обвинетиот претседател на ДИК, Деркоски, го прифатил предлогот и донел Одлука за избор на најповолен понудувач за предметната набавка.

Инаку, Деркоски е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, и беше пратеник во Собранието од редовите на оваа партија во собранискиот состав од 2006 до 2008 година. Тој е поранешен директор на „Македонски железници – Транспорт“ и на АД Водостопанство.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …