Дигиталната економија и електронската трговија доживуваат невиден подем, а навиките на македонските потрошувачи драстично се менуваат во корист на глобалните платформи. Асоцијацијата за е-трговија ги анализираше објавените податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, за платежни трансакции со платежни картички во 2025.
Овие најнови податоци покажуваат дека Македонците со своите платежни картички во странство потрошиле 427.8 милиони евра на онлајн трансакции. Во текот на годината биле направени дури 12.4 милиони трансакции. Граѓаните купувале производи и услуги кои најчесто се поврзани со патувања, односно авио-билети и резервации на хотели.
Експлозивен раст на бројот на трансакции
Ако се направи споредба со претходната година, растот е повеќе од очигледен. Во однос на 2024 година, Македонците потрошиле 50% повеќе во вредност. Паралелно со тоа, бројот на е-трансакциите е зголемен за 69%. И покрај тоа што вкупниот обем на потрошени средства расте, просечната трансакција изнесува 34 евра и е помала за 11% во однос на минатата година. Ова укажува дека граѓаните почесто прават микро-трансакции и купуваат поевтини производи од странство.
Интересно е што огромен дел од овие средства се слеваат во само неколку држави. При тоа, 74% од вредноста и 83% од бројот на направените трансакции се во Ирска, Холандија, Обединето Кралство, САД, Унгарија, Германија, Кипар и Луксембург.
Каде се слеваат македонските пари?
Географската распределба на потрошените средства открива јасна доминација на неколку европски хабови. Статистиката покажува неколку клучни рекорди:
- Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции во Ирска, во износ од 92.1 милиони евра.
- Ова претставува пораст од 173% во однос на минатата година.
- Во Холандија е остварена вредност од 62.4 милиони евра и пораст од 49% во однос на минатата година.
- Во Ирска е направен и најголем број односно 4.8 милиони е-трансакции од страна на Македонците.
- По Ирска, следуваат 2.1 милиони трансакции направени во САД.
- Најголем годишен пораст на бројот на е-трансакциите во 2025 година е забележан во Германија со скоро 650%.
- Огромен раст на бројот на трансакции е забележан и во Кипар од 263%.
- Пад е забележан во Луксембург на бројот на е-трансакциите од скоро 50%.
- Пад на бројот на трансакции е забележан и во Обединетото Кралство од скоро 9%.
Во поглед на просечната потрошувачка, највисока просечна вредност на е-трансакција Македонците оствариле во Унгарија од 152.2 евра. Оваа сума е сепак помалку од лани за 2.1%. Во Луксембург граѓаните направиле најниска просечна трансакција и истата изнесува 14.1 евра. Значајна промена има во Германија, каде во 2025 година се забележува драсатичен пад на просечната трансакција од скоро 70%. Ова е голем контраст, бидејќи минатата година токму таму просечната трансакција беше највисока и изнесуваше 214.2 евра.
Експертска анализа: Зошто доминираат Ирска и Холандија?
Овие вртоглави бројки имаат своја логична позадина во архитектурата на глобалниот интернет пазар. Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков ги коментираше овие податоци и што тие покажуваат.
Според неа, податоците покажуваат дека покрај силниот раст на прекуграничната е-трговија, се случува и значајна промена во структурата на вредноста и бројот на е-трансакции по земји. Оваа промена во голема мера е условена од начинот на кој глобалните дигитални платформи ги организираат своите деловни и платежни операции – односно каде се регистрирани нивните европски седишта или билинг центри.
- Ирска: Оваа земја има најголемо учество и во вредноста и во бројот на трансакции, пред сè зашто таму се лоцирани европските операции на глобални компании како Amazon, Google, Meta и Apple. Дополнително и таму оди наплатата за купувањата од Temu, како и бројни дигитални услуги, апликации и subscription платформи.
- Холандија: Веднаш потоа следи Холандија, како значаен е-commerce и логистички хаб во Европа, но и седиште на платформи како Booking.com. Ова ја објаснува нејзината силна позиција, особено во сегментот на патувања и резервации.
- САД и Обединето Кралство: И САД имаат значајно учество, што е очекувано имајќи предвид дека таму се седиштата на дел од најголемите глобални платформи како Amazon, eBay, Netflix и други дигитални сервиси. Обединетото Кралство останува важен пазар поради развиената онлајн малопродажба и големиот број е-трговци кои директно продаваат на европските пазари.
- Финтек и посредници: Растот кај земји како Кипар укажува на зголемената улога на финтек компании и платежни процесори, односно на тоа дека сè поголем дел од трансакциите се процесираат преку меѓународни посредници.
- Реструктурирање: Истовремено, промените кај традиционални хабови како Луксембург укажуваат на прераспределба, а не на намалување на трансакциите – односно на диверзификација на корпоративните и платежните структури на глобалните компании.
Овие трендови потврдуваат дека географската распределба на онлајн купувањето сè повеќе ја следи структурата на глобалната дигитална економија, каде земјата на евиденција на трансакцијата не мора да ја одразува реалната локација на производот или услугата. За македонските потрошувачи ова значи поголема достапност и избор, но истовремено и зголемен одлив на средства кон странски платформи.
Деветта регионална конференција за е-трговија
За да се разберат подобро овие глобални текови, Асоцијацијата за е-трговија останува посветена на континуирано информирање и едукација на пазарот. Тоа се остварува преку подготовка на релевантни анализи и организирање на настани кои го поттикнуваат развојот на е-трговијата во регионот.
Во таа насока, годишната регионална анализа за состојбата на е-трговијата претставува значаен извор на податоци за сите засегнати страни. Дополнително, 9-тата регионална конференција за е-трговија ќе понуди нови можности за едукација, размена на искуства и вмрежување. Истата ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје. Повеќе информации за конференцијата се достапни на следниот линк: https://ecommerceconference.mk/.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место