Опозициски “салонски“ игри со прилепската Пречистителна станица

Пишува: Зоран Милошески

Одлуката на Советот на општина Прилеп, со која Пречистителната станица за отпадни води (ПСОВ) му беше доделена на управување и стопанисување на ЈКП „Водовод и канализација“, беше повод за различни реакции кај прилепската јавност. Не заради одлуката на советниците, туку заради обидот на опозицијата и на одредени медиуми да ја извртат темата и со лажни вести да внесат недоразбирање и револт кај граѓаните.

Имено, воведувањето нова давачка за утврдување на висината на надоместокот за пречистување на отпадните води, обврска која произлегува од четирипартитниот Договор за функционирање и одржување на ПСОВ потпишан во 2008 година, ВМРО-ДПМНЕ ја претстави како зголемување на цената на водата. Тоа, се разбира, не кореспондира со вистината бидејќи ни случајно не станува збор за повисока цена на водата за пиење, туку за воведување нова давачка предвидена со споменатиот Договор.

Со реакција на изнесените невистини излезе и директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески кој рече дека координаторот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и на советничката група на оваа партија, Петар Ристески ја манипулира и лаже јавноста, во обид за извлекување ситни политички поени.

„Цената на водата останува иста и таа е пониска од цената која ја препорача Регулаторната комисија. Станува збор за утврдување на висината на надоместокот за пречистување на отпадните води, обврска која произлегува од Договорот за изградба на ПСОВ, кој е потпишан во 2008 година, во време кога и централната и локалната власт беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Јанески.

Впрочем, тоа најдобро може да се види преку увид во Договорот, на кој стојат потписите на тогашните министри за финансии и за животна средина и просторно планирање, Трајко Славески и Неџати Јакупи, екс градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески и поранешниот директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Методија Томески.

Во четирипартитниот Договор, прецизно се дефинирани обврските на ЈКП „Водовод и канализација“ по однос на функционирањето и одржувањето на ПСОВ. Имено, во чл.7.2 пишува: „’ВиК’ Прилеп, од сопствени средства, поконкретно преку наплатената тарифа за отпадни води, ќе ги обезбеди неопходните средства потребни за секојдневното функционирање и одржување на ПСОВ“.

Тоа значи само едно: ниту станува збор за зголемување на цената на водата, ниту актуелниот менаџерски тим на јавното претпријатие преку ноќ воведува нова давачка, туку дека ЈКП „Водовод и канализација“ дословно ги применува обврските предвидени во Договорот, потпишан пред 11 години од страна на државни и локални фунционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, сосема на место е констатацијата на директорот на ова јавно претпријатие, кој рече дека е политикантски од една страна ВМРО-ДПМНЕ да се фали со проектот „Пречистителна станица“, а во исто време да не ја презема обврската за утврдување на тарифата за пречистување на урбаните отпадни води. Впрочем, дека повременото поставување на непринципиелната дилема за потребата од изградба и функционирање на Пречистителната станица, што повремено се пласира во јавност, е исклучиво од дневнополитички и теснопартиски мотиви, потврдува и изјавата која на 20.02.2017 година, на истата тема ја даде екс градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески:

„Со овој проект Прилеп ќе добие разделување на фекалната од атмосферската канализација, ќе се подобрат еколошките аспекти на целиот регион, ќе се добие чистина на самата Градска река, чии води понатаму ќе можат да се употребуваат за наводнување на земјоделските посеви. Прилеп ќе биде еден од ретките градови во Македонија кој ќе го има имплементирано и воспоставено овој систем на третман на отпадни води, што е од историско значење за нашиот град. После реконструкцијата на водоводната мрежа и канализационите системи со пречистителна станица, Прилеп ќе прерасне во еден од најдобрите инфраструктурно уредени градови во Македонија и на Балканот, со висок степен на заштита, а со тоа ќе се реши повеќедеценискиот проблем на прилепчани“, изјави во таа прилика Ристески.

Толку од “дилемата“ за потребата од работењето на Пречистителната станица. Впрочем, 11 години после потпишувањето на Договорот и децидно кажаните детали околу нејзиното функционирање и одржување, после исплатените 5 милиони евра “пенали“ од страна на државата заради надминувањето на роковите за нејзин почеток со работа од страна на претходната власт, секое проблематизирање на изградбата на Пречистителната станица и обрските на било која од четирите потписнички на Договорот, е перфидно извртување на фактите и класична манипулација со граѓаните.

Прочитајте повеќе

(ВИДЕО) Катастрофа во Индонезија: Најмалку 174 лица загинаа во немирите после завршувањето на фудбалски натпревар

Најмалку 174 лица загинаа а преку 200 се повредени во немирите што се случија во …