Општина Аеродром: Фонтаната во „Бојмија“ чини 40 илјади евра, а не како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, 720 илјади

Општина Аеродром: Фонтаната во „Бојмија“ чини 40 илјади евра, а не како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, 720 илјади

Соопштение на Општина Аеродром во врска со континуираните лажни вести на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на фонтаната во паркот Бојмија:

По повод секојдневните лажни обвинувања упатени до градоначалникот Златко Марин и неодамнешните тврдења дека фонтаната во паркот Бојмија е неквалитетно изградена, би сакале да информираме дека фонтаната во повеќе наврати е цел на вандалски чин. Деновиве е оштетен кабелот со сензор што дава сигнал до каде да се полни фонтаната со вода и токму поради тоа, водата истекува надвор од коритото.

Водата во моментот е запрена и се врши санација на оштетувањето. Претходно беа оштетени две дизни на гејзери со што исто така се нанесе сериозно оштетување на фонтаната во овој парк.

Оттука Општина Аеродром најостро ги отфрла лажните информации и шпекулациите што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ, а кои единствено имаат цел да ја дискредитираат работата на градоначалникот Златко Марин.

Општина Аеродром редовно ги санира оштетувањата и се грижи за целиот парк, но очигледно вандалите не запираат со несовесното однесување. Сметаме дека е крајно несериозно опозициската ВМРО-ДПМНЕ да излегува во јавност без претходно потврдени и проверени информации.

Истовремено, прашуваме од каде ВМРО-ДПМНЕ дојде до информацијата дека фонтаната чини 720 илјади евра? Како Општина бараме од партијата да ни каже од каде ја извлекоа оваа сума за фонтаната, а во спротивно бараме јавно извинување.

Во интерес на јавноста повторно соопштуваме дека фонтаната, на која посочува ВМРО-ДПМНЕ, чини 40 илјади евра. Сумата опфати поставување модерен и софистициран систем со иноксни прстени, различен тип на млазници, дел од нив се со вертикално прскање, дел со пена, некои се со водена прашина, како и осветлување на фонтаната со цела нова машинска инсталација и синхронизирање на светлото  и течењето. Ова е придружено со нова електрика и нов систем за довод на вода, како и целосна реконструкција на бунарот за вода, кој беше во запуштена состојба.

Паркот Бојмија, кој е составен од повеќе дела, е изграден на транспарентен начин и јавноста беше во континуитет информирана за градежните активности, како тие се одвиваат и колку чини секој дел одделно. Вкупната вредност на паркот изнесува 411.000 евра без ДДВ, а целата документација е јавно достапна на страницата на Бирото за јавни набавки.

Инаку, Општина Аеродром јавно ја повика Државната комисија за антикорупција да ги провери сите документи. Воедно и наведовме дека Државниот завод за ревизија ја предвидел Општината за ревизија во Годишниот план за ревизија за 2021 година. Така што, наскоро ќе излезе на виделина и вистината во делот на законитоста, веродостојноста и квалитетот на сите проекти на Општината и јавноста ќе има можност да ја согледа разликата.

И, конечно, сакаме да ја информираме јавноста дека некои несовесни граѓани на своја рака лепат известувања во паркот со што шират страв и непријатност меѓу населението. Конкретно станува збор за известувањето залепено на оградата од фудбалското игралиште, за наводен дефект на струјата што може да предизвика опасност. Лажното известување е веднаш отстрането од нашите служби.

Паркот Бојмија е еден од најмодерните паркови, кој секојдневно е посетуван од голем број аеродромци, но и од жители од други населби и општини. Бојмија нуди можност за рекреација, одмор и спорт за сите генерации.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …