Општина Аеродром ќе мери и ќе казнува за бучава која доаѓа од фирми, а особено од угостителски и туристички објекти. Во станбените објекти, во вечерниот период од 19 до 23 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 35 децибели, а во ноќниот период од 23 до 7 часот, дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 30 децибели. За сите кои ќе ги прекршат овие правила ќе следуваат казни, кои се движат и до 69.000 евра.
„Започнуваме со интензивна контрола и мерења на прекумерната бучава, со цел заштита на здравјето, мирот и квалитетот на живеење на граѓаните. Овластените инспектори за животна средина на Општина Аеродром ќе спроведуваат интензивни и континуирани контроли, со посебен фокус на угостителските и туристичките објекти, со цел доследно почитување на законските одредби“, велат од Општината.
За непочитување на законските лимити на бучавата предвидени се високи санкции, кои за микро тргобците се движат од 6.000 до 7.000 евра, од 13.000 до 14.000 евра за мали трговци, од 37.000 до 41.000 евра за средни трговци, од 62.000 до 69.000 евра за големи трговци, а глобата за трговец поединец е 2.000 евра.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните, доколку се изложени на прекумерна бучава, случаите веднаш да ги пријават на електронската адреса: inspekcija@aerodrom.gov.mk
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место