Илјадници евра од Општина Чаир систематски се доделиле на кафулето „1ш“ во сопственост на заменик-министерката за транспорт и врски, една од најблиските луѓе на Изет Меџити, Калтрина Зеколи Шаќири, пишува Порталб. Средствата се доделени без јавен повик и со договор во четири очи. Речиси 9.000 евра се префрлени на ова кафуле откако Зеколи-Шаќири е заменик-министер, помалку од една година. Соседите интервјуирани од Порталб велат дека кафулето најчесто го посетуваат активисти на Демократското движење. Општина Чаир не коментира стари трансакции, оттаму велат дека во 2025 година таму се хранеле спортисти од Чаир кога имале натпревари, а исто така не одговараат зошто само овој локал ја извршувал оваа услуга за нив со години, без да им се даде можност на други бизниси.
Компанијата „НЕАР 2015“ во овој период примала готовински трансакции од 110.000 до 130.000 денари од Општината Чаир, фирма која стои зад посочениот ресторан и која служи брза храна.
Најредовен клиент на ова место во последните години се вработените на Општина Чаир. За кафе и брза храна, за четири и пол години кафулето остварило приход од околу 30.000 евра или 1,8 милиони денари од даночните обврзници на Чаир, најчесто исплатени како репрезентација, средства што се планирани за секоја година во основниот буџет.
Според Законот за јавни набавки општините доколку исплаќаат вредност над илјада евра, за една година или за еден договор се должни да спроведат постапка за јавна набавка.
Тоа, овде не е случај, бидејќи само во текот на 2024 година Општина Чаир издвоила 825.410 денари или 14.416 евра за кафулето, а вредноста на исплатите некогаш надминувале и 2.000 евра за еден ден, со што општината го прекршила законот и основните начела на транспарентност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори.
Извор: МЕТА