Реакција на Општина Прилеп на објавената информација од страна на ФФМ:

Општина Прилеп ја демантира објавената информација на официјалната страна на ФФМ, според која стадионот во Прилеп и’ е предаден на Општината.

Имено, претставници на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, заедно со претставници на ФФМ, изведувачите на работите за ставање во функција на рефлекторите и тревникот, денеска го посетија Градскиот стадион „Гоце Делчев“.

После извршениот увид, беше констатирано дека треба да се доработи поставувањето на тревникот зад двата гола, чија вкупна површина изнесува околу 1.800 м2, да се преземат дополнителни активности за рамнење на поставениот тревник, како и да се изврши регулирање на прскалките за негово наводнување.

Што се однесува до рефлекторите, факт е дека тие се ставени во функција. Меѓутоа, за запазување на пропишаните стандарди и непречено одигрување на фудбалски натпревари во вечерните часови, потребно е да се изврши фокусирање на светлото од рефлекторите.

Откако ФФМ ќе ги отстрани увидените недостатоци и ќе изврши комплетно завршување на планираните инфраструктурни зафати, Општина Прилеп ќе го потпише Договорот за примопредавање на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ и ќе ги преземе сите преостанати градежни и други активности за негово ставање во функција.