Претставници од Општина Прилеп и на Коалицијата на младински организации СЕГА, денеска во големата сала на Општина Прилеп одржаа работен состанок, со цел подготовка на Годишната програма за млади за периодот 2019/2020 година.
„Досега се одржани 3 поединечни фокус групи: со студенти, средношколци и невладини организации. Денеска сме собрани сите заедно, за да ги дефинираме потребите на младите во општина Прилеп. На денешниот состанок го потенциравме и завршениот јавен повик за формирање на Советот на млади. Комисијата за општествени дејности и правата на децата при општинскиот Советот на општина Прилеп, треба да одржи состанок и да го одбере составот на Советот на млади. Тој ќе има 9 членови кои ќе работат на младинските политики, на решавање на проблемите на младите, односно поттикнување на иницијативи за нови проекти“, изјави Цвете Станојоска, помлад соработник во одделението за локален економски развој при Општина Прилеп.
Маја Стеваноска, асистент за комуникации во Коалиција на младински организации СЕГА, рече дека оваа Коалиција успеала да мобилизира голем број на млади од општина Прилеп, кои учествувале во подготовката на Годишната програма за млади.
„Оваа стратегија има за цел да ги вклучи младите во донесувањето одлуки на локално ниво, односно да се слушнат нивните интереси, желби и проблеми, а истовремено да кажат и предлог-мерки и решенија, кои подоцна можат да бидат искористени за изработка на заедничка Програма за млади“, истакна Стеваноска.