Општина Прилеп ќе отпише побарувања од 100 милиони денари

Се работи за средства од сопствени приходи, како што се комунални такси и надоместоци, закупнини и слично. Дел од побарувањата можеби се оправдано отпишани, но најголем дел се последица на неодговорното и недомаќинско работење на Ристески и претходната локална власт – вели градоначалникот Јованоски

Општина Прилеп успеала во значителна мера да го намали наследениот долг, односно да врати 62 милиони денари (нешто повеќе од 1 милион евра). Притоа локалната самоуправа функционирала сосема нормално, без кратење на средства за нејзино тековно работење.

Зоран Милошески

По смената на општинските власти на последните локални избори, речиси и да немаше градоначалник кој не ја потенцираше лошата финансиска состојба на општината. Каде повеќе, каде помалку, наследените состојби во извесна мера го намалија оптимизмот кај новоизбраните градоначалници, пред сѐ, по однос на реализација на нивните изборни ветувања.

Од својот претходник Марјан Ристески, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски наследи долг од 3,5 милиони евра. Таквата состојба била утврдена и евидентирана со официјален записник, изработен од страна на стручните служби на локалната самоуправа, каде, патем речено, на раководните места се наоѓаат лица именувани од претходната власт. Меѓутоа, како што истакнува Јованоски, иако записникот му бил доставен на увид на ексградоначалникот Ристески, тој до ден денес не го потпишал.

– Парите се голем проблем. Многу неодговорно се работело на приходите на Општината. Според насоките на Државниот завод за ревизија, Општина Прилеп наскоро ќе треба да отпише побарувања во висина од околу 100 милиони денари. Се работи за средства од сопствени приходи, како што се комунални такси и надоместоци, закупнини и слично. Дел од побарувањата можеби се оправдано отпишани, но најголем дел се последица на неодговорното и недомаќинско работење на Ристески и претходната локална власт – вели градоначалникот Јованоски.

Во изминатите шест месеци, колку што Јованоски ја извршува градоначалничката функција, Општина Прилеп успеала во значителна мера да го намали наследениот долг, односно да врати 62 милиони денари (нешто повеќе од 1 милион евра). Притоа, како што нагласува Јованоски, локалната самоуправа функционирала сосема нормално, без кратење на средства за нејзино тековно работење.

Добра вест за прилепската локална самоуправа, но и за граѓаните на Прилеп, е дека од доделената концесија за детални геолошки истражувања на мермер во локалитетот „Самарница“, на општинската сметка веќе легнаа два милиони евра, кои многу ќе придонесат за подобрување на, пред сѐ, состојбата со патната инфраструктура. Повторените тендерски постапки за избор на фирми кои ќе работат на санирање на улиците во градот се завршени, па од средината на овој месец се очекува почетокот на градбата на локалната патна инфраструктура.

Објавено во „Слободен печат“

Прочитајте повеќе

Владата му го одзеде државјанството на украинецот Онишченко

Владата на денешната седница одлучи да се поништи одлуката за прием на Олександр Онишченко во …