Општина Прилеп спроведе обемна еколошка акција за чистење на животната средина

Повеќе од 100 вработени во Општина Прилеп, јавните комунални претпријатија и
образовните институции, од изутрината чистеа на неколку локации во околината на
Прилеп. Во акцијата со своја механизација се вклучија сите јавни претпријатија, но
и приватната фирма „Изофас“,демонстрирајќи општествена одговорност.

Почнувајќи од 8 часот утринава, се работеше на чистење на дивите депонии во
околината на градот, и тоа кај вештачкото езеро, потоа на потегот од хотел
„Салида“ кон бензинската пумпа „Лук Оил“ и „Прилепска Пиварница“, како и теренот
околу патот за село Ореовец.

Градоначалникот Илија Јованоски им се заблагодари на вработените во јавните
претпријатија и во „Изофас“ за покажаната висока еколошка и граѓанска свест во
спроведувањето на денешната акција, но и на „Прилепска Пиварница“ која на ЈКП
„Комуналец“ му донираше машина за чистење на улиците во градот.

„Локалната самоуправа на Општина Прилеп ја организира оваа еколошка акција,
заедно со јавните комунални претпријатија од нашиот град. Сакам да упатам апел и
до нашите граѓани да се грижат за екологијата и за животната средина, за да не се
доведеме во ситуација да има повторно растурање на сметот. И во иднина ќе
организираме вакви акции, но се надевам дека ќе има помалку смет за чистење“,
изјави градоначалникот Јованоски.

Со целиот свој капацитет, во денешната еколошка акција беше вклучен и ЈКП
„Комуналец“. Звонко Јованоски, в.д. директорот на јавното комунално претпријатие,
рече дека чистењето се одвива на неколку локации во градот и дека во денешната
акција е ангажирана комплетната механизација на сите локални јавни
претпријатија.

„Апелирам до сите граѓани и до сите фирми, заеднички да ја чуваме животната
средина и да го зачуваме нашето здравје. Сметот да го одлагаме таму каде што
треба, во контејнерите, во кантите и во депонијата кај село Алинци, која е отворена
за сите фирми да го депонираат својот смет, без никаков надоместок“, истакна
Јованоски.

Учесниците во акцијата рекоа дека вакви еколошки акции му се потребни на градот,
но истакнаа дека како граѓани треба да се срамиме од глетката затекната во
околината на градот и од огромните количини расфрлано ѓубре.

Инаку, оваа еко-акција, што се одвиваше под мотото „Општините во Македонија-
чистат“ е иницијатива на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС)
со цел сите општини во државата на својата агенда да имаат што повеќе денови
посветени на екологијата и здравата и чиста животна средина.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …