Реакција на Општина Прилеп на прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ:

Со цел подобро да ја информираме јавноста, a во врска со лажните вести кои што ги шири ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и врши злоупотреба на медиумскиот простор, како Општина ги наведуваме следните податоци:

Ќе се гради нов мост и ќе се направи реконструкција на веќе постоечкиот мост на Градската река, на улица „Трајко Николоски“ во населбата „Сточен Пазар“.

Изведувачот на мостот се избра согласно законската регулатива за јавни набавки, после спроведена постапка за јавни набавки на која учествуваа повеќе оператори од државава, а после изборот на најповолен понудувач потпишан е договор.

Согласно годишната Програма за 2019 година, од буџетот на Општина Прилеп одвоени беа 30 милиони денари за изградба на нов мост и реконструкција на постоечкиот.

Сакаме да ја информираме јавноста, дека постојниот мост е со вкупна ширина од 5 метри, без површини за движење на пешаци и велосипедисти. Новопроектираниот мост е со вкупна ширина од 16 метри и должина од 22 метри. Заради поголема безбедност на сообраќајот и поголем проток на истиот, предвиден е коловоз со три коловозни ленти, велосипедска патека со ширина од 1,5 метри и двострани тротоари со ширина од по 2,5 метри.

Да напоменеме дека ваков армирано – бетонски мост во Прилеп се нема изградено повеќе од 40 години.

Иако 12 години ВМРО – ДПМНЕ имаше можност барем да помисли да го прави, оваа локална власт проектот го реализира веќе во втората година од својот мандат.

Уште еднаш ги потсетуваме граѓаните на општина Прилеп, да не подлегнуваат на дезинформации и лажни вести  со кои ВМРО – ДПМНЕ во недостаток на аргументи, прави класична злоупотреба на медиумскиот простор.