Повеќе од четири милиони евра доделиле 63 општини во земјава во текот на 2025 година, по различни основи за финансиска помош и дотации за своите жители, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Најмногу пари, во годината кога се одржаа локалните избори, исплатила Општина Аеродром, дури 552.387 евра, потоа Центар со 507.481 евро, Кисела Вода со 461.989 евра и Гази Баба со 415.172 евра.
Парични средства од локалните буџети биле делени за 92 различни основи, како што се прво дете, првоодделенци, средношколци, млади, матуранти и сл. до лица во социјален ризик и пензионери. Исто така, доделувани се и училиштен прибор, ранци и дрва, а парична поддршка е давана и за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки за пелети, клима уреди и слично.
Субвенционирани се и сметки за комуналии, за полагање возачки, за превоз и за паркинг, а граѓаните помош добивале и за стапување во брак, за санација на покриви, за прозорци, за лифтови, за стипендии, а
наградувани се првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.
Сумата исплатена во 2025 година е за речиси еден милион евра повисока отколку во претходната 2024 година, а парите завршиле кај 58.290 граѓани, и во споредба со претходната година, бројката е зголемена за речиси 13.ооо луѓе. Освен Аеродром, која и претходната 2024 година исплатила приближно ист износ на граѓаните, сите други пет општини од претходниот графикон ја зголемиле помошта за граѓаните во изборната 2025 година. Ова особено се однесува за Центар и Кисела Вода каде има позначително
зголемување на вкупниот износ. Скопската општина Гази Баба води според вкупниот број граѓани на кои им е исплатена некаква помош, 10.630, а речиси ист број граѓани, 10.511 се опфатени со помошта од Општина Кисела Вода.
„Реалната сума е сигурно и поголема, имајќи предвид дека многу општини не ги пријавија сите вакви давачки во одговорите на барањата за информации од јавен карактер. Сарај, Чаир и Град Скопје воопшто не одговорија на барањето за информации за доделените средства“, велат од Центарот.
Анализата открива дека Општина Центар доделува помош по најмногу основи, вкупно 16, следни се Кисела Вода и Гази Баба кои доделуваат помош по 12 основи, а има и такви кои воопшто не доделуваат финансиска помош како што се општините Арачиново, Боговиње, Брвеница, Бутел, Врапчиште, Дебар, Долнени, Желино, Јегуновце, Ново Село, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка, Чучер Сандево и Шуто Оризари.
Основа за која најмногу општини доделуваат парична помош е за секое новородено дете за што пари даваат дури 50 општини, а 38 општини даваат пари и друга помош за првачиња. Највисок износ за првоодделенци, 8.000 денари, дава Општина Могила. За новороденчиња, најмногу пари, 30.000 денари дава Општина Старо Нагоричане. Од другите основи, најмногу пари се доделувани за поправка на фасади и за замена на лифтови, над 200.000 денари. Највисок поединечен износ што исплатила една општина е Конче, која дава по 100.000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак.
Анализата на Центарот за граѓански комуникации посочува дека нема две општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња. Исто така, нема воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа. Пример, за новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари. И за првородено дете сумите се различни и тоа од 6.000 до 30.000 денари. Во категоријата „најдобар“ износите се движат од 5.000 за најдобар ученик до 30.000 за најдобар земјоделец.
„Она што останува нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помоши, особено што од општина до општина се применуваат различни правила, процедури, постапки, износи и категории. Општините, во своите правилници и и одлуки за доделување на разните помоши, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа“, посочуваат од Центарот.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место